Македонија со убедлива победа го почна патот кон ЕП 2028, Лазаров задоволен од ракометарите

Македонската ракометна репрезентација со убедлив триумф ги започна квалификациите за Европското првенство во 2028 година. Во Скопје, избраниците на Кирил Лазаров го совладаа Луксембург со 41:23, на полувремето имаа предност од 20:10, а победата ја обезбедија со доминантна игра во текот на целиот натпревар. 

Македонија уште од почетокот наметна силно темпо и поведе со 9:1, а гостите вториот гол го постигнаа дури во средината на првото полувреме. Во продолжението предноста постојано растеше, па Лазаров им даде можност за настап на сите ракометари.

Натпреварот го одбележа и дебито на Дмитро Горига во македонскиот дрес. Новиот репрезентативец ја испеа македонската химна пред почетокот на средбата, а потоа постигна три гола. Најефикасен во македонскиот состав беше Никола Костески со шест погодоци, додека Петковски и Серафимов постигнаа по пет. Голманот Мартин Томовски забележа 13 одбрани. 

По натпреварот, селекторот Кирил Лазаров им честиташе на ракометарите за пристапот и ангажманот, посочувајќи дека е задоволен од начинот на кој го одиграле дуелот и покрај краткото време за подготовка. Тој истакна дека тимот успеал да го одржи темпото во текот на сите 60 минути, но дека секогаш има простор за подобрување. 

Следниот предизвик за Македонија е гостувањето кај Грција, во недела, во рамки на второто коло од квалификациите. Во групата се наоѓа и Шведска, а целта на македонската репрезентација е да обезбеди нов настап на континенталниот шампионат.