Македонија со минималната и со просечната плата е на дното во регионот

Македонија заостанува со просечната и со минималната плата во регионот покажува анализата на агенцијата Анадолија. Највисока просечна плата како по обичај имаат работниците во Словенија додека Македонија заедно со Босна и Херцеговина е на самото дно.

Просечната плата исплатена за јуни во Словенија е 1.501,97 евра покажуваат податоците. Во Хрватска 1.315 евра, во Црна Гора 838 евра, во Босна и Херцеговина 702,51 евра (1.374 конвертибилни марки), а во Македонија 680,70 евра (41.93 денари) .

Просечната плата исплатена во мај во Србија била 855,82 евра или 100.170 динари.

Во Словенија платата во јуни во однос на мај номинално е зголемена за еден отсто, а реално за 0,6 отсто. Највисока плата за јуни во просек е исплатена во дистрибуцијата на струја, гас и пареа, 2.241,33 евра нето, а најниска во угостителството 1.142,43 евра.

Во Хрватска просечната месечна исплатена нето-плата по вработен за јуни изнесува 1.315 евра, што е номинално и реално пониско за 0,7 отсто во однос на мај. Највисоката просечна месечна исплатена нето-плата по вработен е 1.981 евро во здравствениот сектор, а најниската во секторот производство на облека 845 евра.

Во Србија растот на бруто-платите во периодот јануари-мај 2024 година во однос на истиот период лани номинално изнесува 15,3 отсто или реално 9,5 отсто, додека просечните нето-плати номинално се повисоки за 15,2 отсто или 9,4 отсто. во реални услови.

Во Црна Гора просечната нето плата во јуни во однос на мај бележи раст од 0,7 отсто, додека просечната нето плата во јуни 2024 година во однос на истиот месец од претходната година е повисока за 5,4 отсто.

Во Босна и Херцеговина просечната плата во јуни е повисока за 57 евра во однос на просечната плата исплатена во 2023 година, кога изнесувала 1.263 конвертибилни марки или 645,71 евра.

Според податоците на Државниот завод за статистика на Македонија, индексот на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во јуни 2024 година во однос на јуни 2023 година изнесува 114,8. Ваквото зголемување е резултат пред се на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен од финансиски дејности и дејности на осигурување (24,6 отсто), административни и помошни услужни дејности (22,9 отсто), јавна администрација и одбрана и задолжително социјално осигурување (19,6 отсто).