Македонската кошаркарска репрезентација со стил ја отвори втората рунда од претквалификациите за Европското првенство во 2029 година. Македонија ја совлада Австрија со 91:59 во Виена, во натпревар во кој од почеток до крај имаше целосна контрола.

Но, во „Спорт Арена Виена“ Македонија имаше уште една силна предност – трибините. Македонската Фаланга од Виена го исполни ветувањето и во голем број дојде да ја поддржи репрезентацијата. Од трибините доминираше црвено-жолтата боја, а поддршката на навивачите не престана во текот на целиот натпревар.

На теренот, пак, лидер беше Ненад Димитријевиќ, кој одигра извонреден натпревар. Македонскиот плејмејкер запиша 15 поени, 14 скока и 11 асистенции, со што стигна до трипл-дабл. Според ФИБА, ова беше едно од највпечатливите индивидуални остварувања во првиот прозорец од втората рунда. Прв стрелец на Македонија беше Виктор Ефремовски со 17 поени, додека Мозес Рајт, кој настапува со македонски пасош, дебитираше за репрезентацијата со 12 поени и девет скока.
Македонија практично го реши натпреварот уште во првото полувреме. По израмнувањето на 6:6, Австрија повеќе не успеа да се врати во натпреварот. Нашите кошаркари направија серија од 11:0 и првата четвртина ја завршија со 30:14, а на полувреме водеа 49:30. До крајот предноста продолжи да расте. Австриската федерација потврди дека натпреварот во Виена го следеле 1.100 гледачи, а домашниот тим останал без победа во првите два натпревари од втората рунда.

Во салата „Спорт Арена“ нашите кошаркари играа како на домашен терен. Македонската Фаланга од Виена го исполни она што го најави – дојде во голем број и ги исполни трибините со црвено-жолти бои и поддршка за репрезентацијата.
За Македонија, ова е важен чекор во борбата за место во следната фаза. Во групата Ф, покрај Македонија и Австрија, е и Кипар, кој во првиот меч ја совлада Австрија со 77:72. Следниот натпревар Македонија го игра на 26 ноември против Кипар, овојпат на домашен терен.
По големата победа во Виена остана и убавата слика од трибините – македонските кошаркари им се заблагодарија на навивачите за поддршката, а дел од нивната желба беше исполнета: фотографија со омилените репрезентативци за спомен од денот кога Македонија ја претвори Виена во црвено-жолта арена.