
Македонската фудбалска репрезентација одигра само 1-1 против Казахстан на Националната арена „Тодор Проески“ и со тоа ги загуби шансите за првото место во групата и директен пласман на Светското првенство.
По големото реми во Гент против Белгија, очекувањата беа високи, а трибините речиси исполнети. Македонија влезе како фаворит, но и покрај бројните шанси не успеа да дојде до победа.
Казахстан го отвори натпреварот подобро и во првите дваесетина минути имаше две сериозни можности преку Заинутдинов и Чешноков, но без реализација. Македонија се закани во 24. минута преку Ристовски, а потоа во неколку наврати создаде опасни ситуации пред голот на Сеисен, кој одлично бранеше.
На полувремето селекторот Милевски направи две измени – влегоа Чурлинов и Костадинов – и Македонија заигра поофанзивно. Сепак, во 52. минута следуваше грешка на голманот Димитриевски, која ја искористи Караман и донесе водство за Казахстан од 1-0.
По примениот гол, нашите фудбалери притиснаа и во 74. минута капитенот Енис Барди со мајсторски удар од слободен удар израмни на 1-1. До крајот Македонија ја имаше иницијативата, но не успеа да ја претвори во победа.
И покрај ремито, шансите за второто место остануваат отворени – Македонија во последното коло против Велс ќе се обиде да избори подобра позиција за баражот.