Македонија оди во втората фаза на ЕП во ракомет

Македонската репрезентација успеа да се пласира во следната фаза од европскиот шампионат, откако со голот на Дејан Манасков на две секунди до крајот успеа да стигне до реми од 27-27 против Србија. „Црвено-жолтите“ го одиграа најслабиот натпревар во досегашниот дел од шампионатот, но за среќа во ситуација кога во ритам не беа ниту Лазаров ниту голманот Ристовски, блесна Манасков кој со десет гола успеа да го донесе толку посакуваниот бод.

Мечот почна на најлош можен начин за нас, со промашен пенал на Кире Лазаров. Србите делуваа подобро на почетокот од натпреварот, па благодарение на одличниот Станиќ (одбрани уште еден пенал на Лазаров, како и контранапад на Манасков) поведоа и со два гола разлика (5-7). За среќа, се разбудивме во вистински момент, па благодарение на Манасков (пет гола во првото полувреме) дојдовме до предност од 12-10. Имавме можност и за уште поголема позитивно, но Кире Лазаров наивно ја загуби топката и овозможи камбек на противникот. Србите стигнаа до 12-12, потоа Ѓорѓиевски реализираше за наше водство, за Ненадиќ од пенал да ги постави конечните 13-13 на крајот од првото полувреме.

Неизвесна борба донесе и стартот од второто полувреме, во кое Станиќ имаше уште две одлични интервенции, бранејќи зицери на Ѓорѓиевски и на Прибак, не дозволувајќи ни да влеземе во ритам (15-15 во 37. минута). Во следниот напад српскиот голман одбрани уште два чисти удари на нашите ракометари, по што Никчевиќ казни за водство на противникот од 15-16. Во ситуација „гол за гол“ постојано бркавме предност на противникот, со двата гола на Ѓорѓиевски успеавме да поведе со 21-20, но потоа Србија повторно го сврте резултатот во своја полза, со голот на Марсениќ поведувајќи со 23-24 на седум минути до крајот.

При 24-24 имавме два напади за водство што не ги искористивме, по што Шешум повторно ја доведе Србија во водство. Миркуловски возврати, но Шешум продолжи да го полни голот на Ристовски (7/7) за ново водство на противникот (25-26). Лазаров постигна гол, но истиот беше поништен поради пробивање на Миркуловски но за среќа и Србите го промашија клучниот напад на две минути до крајот. Во последната минута Миркуловски изнуди исклучување од Марсениќ, Лазаров биеше директно во Станиќ, но за среќа топката стигна до Стоилов, кој ја затресе мрежата за толку посакуваното израмнување на 26-26. Србите одлично одиграа, па преку поранешниот „металург“ Ѓукиќ погодија за водство од 27-26, по што Обрван зеде тајмаут на осум секунди до крајот. Последната акција ја круниса Манасков, кој со својот десетти гол го донесе толку посакуваното реми и пласман на Македонија во следната фаза.

Дејан Манасков со десет гола беше најефикасен во нашата репрезентација, пред Ѓорѓиевски со пет и Кире Лазаров со четири погодоци.