Македонија мора да ја победи Естонија доколку сака да ги продолжат квалификациските настапи

"Црвено-жолтите" мора да забележат победа против Естонија доколку сакаат да ги продолжат квалификациските настапи, во спротивно во последното коло ќе се крстиме на естонските кошаркари да го совладаат Косово на гостински терен.

Македонската кошаркарска репрезентација денеска од 17:30 часот во Талин ќе го одигра последниот натпревар во претквалификациите за Светското првенство во 2019 година, против Естонија. "Црвено-жолтите# мора да забележат победа доколку сакаат да ги продолжат квалификациските настапи, во спротивно во последното коло ќе се крстиме на естонските кошаркари да го совладаат Косово на гостински терен.

Селекторот на Македонија, Јорданчо Давитков, најави борба за победа на неговите избраници до последен здив, а се надева дека до тоа ќе дојде доколку успеат да ги сопрат шутевите на противниците од надворешните позиции.

Овој натпревар одлучува за тоа дали ќе се пласираме понатаму или не, ни дава можност за пласман во квалификациите, секако доколку победиме во Естонија. Оваа репрезентација е шутерска, се обидува од секоја можна позиција да погоди, а имаат брза игра во текот на сите 40 минути. Се надевам дека ќе ги спречиме во намерата и ќе успееме да ја победиме на гостински терен. Досега премногу промашувавме, но искрено верувам дека среќата на последниот меч ќе не посака, дека ќе имаме добра реализација на шутевите, па едноставно не сме фрлале кон Господ со камења. Се надевам дека ќе погледне Бог и кон нас и конечно ќе имаме далеку подобра реализација, изјави Давитков.

Ова ќе биде одлична можност "црвено - жолтите" да им се реваншираат на Естонците за поразот на домашен терен во второто коло кога во Вип арената "Борис Трајковски" загубивме со 80:76.

На дуелот против Естонија, на располагање на селекторот Давитков ќе му се стави и Диме Тасовски, иако неговиот настап за овој меч беше ставен под знак прашалник. Тој се повреди на претходниот натпревар против Косово, кој го добивме со 87:74. По направените ехо снимки констатирано беше дека неговата повреда не е од посериозен карактер, па се очекува да биде подготвен за последниот меч, решавачки за Македонија.