Македонија меѓу првите десет во загаден воздух и никотинска зависност: Речиси половина население пуши цигари

Македонците се едни од настраствените пушачи на светот, а сега тоа го потврдува и истражувањето направено од страна на Аналитика, со кое македонскиот народ е сместен во првите десет во светот, објави Фактор.

Според истражувањето, постраствени пушачи се мажите со 57,9, додека процентот кај жените е 39 отсто.

Притоа, користењето цигари се зголемува со возраста на пушачите. Најзависни се лицата  од 45 до 54 години, односно се работи за 60,1 процент за пушачи на дневна основа.

Бројот, пак, на пушачи во европските земји е многу помал. Просекот на ЕУ е 29 проценти. Во одделни држави, како на пример, Грција и Бугарија е 27, а во Шведска минимални 8,7 проценти.

Исто така, со просечни 1,7 евра за кутија, Македонија е предводник во регионот и според цените на цигарите, кои кај нас се најевтини, вели Тамара Мијовиќ Спасова од Аналитика, појаснувајќи дека многу малку се прави за надминување на проблемот со пушењето, без разлика дали станува збор за законски решенија, зголемување на акцизите или за кампањи за подигнување на јавната свест.

Просечната цена, пак, на цигарите во регионот на ЈИЕ е околу 2,1 евро, а на европското ниво – 4,9 евра.

Сепак, доколку продажбата на тутунски производи и пушењето се забранат со закон, пушењето ќе се намали, сметаат 58,1 отсто од возрасните лица, а 55,7 проценти мислат дека сузбивањетодо тоа може да се дојде со зголемување на цената на цигарите, вели Бојана Христовска од Аналитика.

Инаку, само 11,9 отсто од пушачите рекле дека не пушат дома, додека тој процент кај анкетираните непушачи е 42,9. Степенот на изложеност на пасивно пушење е најголем во баровите и ноќните клубови со 73,6, каде што најзагрозени се младите (83,8 отсто), како и во рестораните со 44,2 проценти.Речиси сите пушачи, поточно 97 отсто, потврдиле дека барем еднаш им било потенцирано дека пушењето цигари им пречи на лицата во нивната околина.

Овие наоди се резултат од големото регионално истражување за употребата на тутун реализирано во 2020 година од Аналитика тинк-тенк заедно со Универзитетот Илиноис од Чикаго.

Оттаму и препораките дека мора да се работи врз подигањето на јавната свест за штетните ефекти од оваа навика. Но и согледувањето дека оданочувањето е една од најефикасните алатки за намалување на потрошувачката нацигари. Во сите замји од ЈИЕ, каде што се зголемила акцизата, забележан е пад кај пушењето цигари, за сметка на зголемувањето на јавните буџетски приходи.