Македонија ќе биде домаќин на најголемиот божикен настан во регионот

Во недела 6 јануари од 11 часот, Македонија ќе биде домаќин на најголемиот Божикен настан во регионот, на кој се очекува учество на околу 10 илјади деца од целата земја.

Во Скопје, на плоштадот пред Црквата Св.Димитриј, ќе се одржува голема божикна маниифестација со Божикен концерт и Божикна претстава на кои што ќе им претходи топол дочек на коледарчињата преку Камениот мост со бесплатни Бадникови чајчиња и колачиња за секое дете.

За Божикниот концерт ќе бидат задолжени: Елена Ристеска, Влатко Лозаноски, Викторија Лоба, Тамара Тодевска, Некст Тајм, Димитар Андоновски, Љубојна и Златно Славејче, а за Божикната претстава со наслов „Најдобриот подарок за Божик“ – ненадминливите Снежана Коневски – Руси, Дејан Лилиќ и креативниот центар Тинтири Минтири.

Манифестацијата пред Св.Димитриј завршува во 12 часот, по што присутните деца ќе бидат поканети да ја оформат најголемата Бадникова поворка во Македонија, и со песна да се упатат кон Соборниот храм каде што пред специјално поставена голема Божикна пештера, ќе бидат дарувани и со Божикни пакетчиња.

Во исто време, Бадникови поворки на радоста, во кои децата на свечен начин ќе го најавуваат Христовото Раѓање, ќе се одржуваат во уште 34 градови и населени места низ земјата, и тоа: Битола, Охрид, Прилеп, Струга, Тетово, Крушево, Ресен, Кичево, Радовиш, Велес, Штип, Струмица, Гевгелија, Валандово, Кавадарци, Куманово, Гостивар, Пробиштип, Свети Николе, Кривогаштани, Демир Капија, Неготино, Богданци, Вратница, Виница, Кочани, Делчево, Дебар, Ростуше, Велгошти, Брвеница, Беловиште, Старо село и Рогачево.

ПРАЗНУВАМЕ, СЕ РАДУВАМЕ! – е мотото на овогодишната манифестација на која се ќе биде бесплатно, со надеж дека радоста и топлината на Бадник и Божик ќе ја почувствува секое детско срце.

Организатор на целокупната манифестација е Здружението „Бадникови поворки“ кое постои веќе 3 години, а традицијата на организирање Бадникови поворки е возобновена од 2011 година, најпрво само во Битола и Охрид, за потоа постепено да се прошири и во останатите градови и населени места во земјава.

Градови во кои оваа традиција се одржува повеќе од 5 години:
Битола, Охрид, Прилеп, Струга, Скопје, Тетово, Крушево, Ресен, Кичево, Радовиш.

Градови и населени места кои се приклучија на Поворките пред 2 или 3 години:
Велес, Штип, Струмица, Гевгелија, Валандово, Кавадарци, Куманово, Гостивар, Пробиштип, Свети Николе, Кривогаштани, Демир Капија, Неготино, Богданци, Вратница.

Градови и населени места кои годинава за првпат одржуваат Бадникови поворки:
Виница, Кочани, Делчево, Дебар, Ростуше, Велгошти, Брвеница, Беловиште, Старо село и Рогачево.