Македонија ќе биде домаќин на глобалниот форум за енергетска иднина во 2025

По иницијатива на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, а со поддршка на Програмата за развој на Обединетите нации - УНДП, во 2025 година во Македонија ќе се одржи 14-от Mеѓународен форум за енергија за одржлив развој.

Иницијативата потекна од Министерката за енергетика, Сања Божиновска, која се обрати до UNECE (Економската комисија на Обединетите нации за Европа).

„Ова е огромна чест, но и одговорност за земјата и особено за Минстерството за енергетика, кое преку организација на ваков значаен форум земјата ќе се позиционира како регионален лидер во зелената транзиција, покажувајќи ја својата посветеност на меѓународна соработка и одржлив енергетски развој“, кажа Божиновска.

Одлуката беше донесена по завршувањето на 13-от форум којшто се одржа на почетокот на декември, во Бангкок, Тајланд, во организација на пет регионални комисии на Обединетите нации (ECA, ECE, ECLAC, ESCAP и ESCWA). Овогодинешната тема беше „Праведна енергетска транзиција“.
На Форумот ќе земат учество експерти од енергетскиот сектор, владини претставници, ентитети на ОН, меѓународни организации, бизнис заедницата и други засегнати страни кои ќе разговараат за главните прашања, презентирајќи активности за правична енергетска транзиција.

Mинистерството за енергетика, рударство и минерални суровини ќе го организира настанот со УНДП, а во координација со соодветните регионални агенции на Обединетите нации.