Македонија ја совлада турската ракометна репрезентација и ги стартуваше квалификациите за Европското првенство во 2020 година

Македонија со 31:27 ја совлада турската ракометна репрезентација во преполната сала „Боро Чурлевски“ во Битола, за со сигурна победа да ги стартува квалификациите за Европското првенство во 2020 година.

Победата можеше да биде и поубедлива да имавме малку подобра игра во одбраната, меѓутоа македонските репрезентативци го контролираа мечот од стартот до финишот за сигурна победа и израмнување со Исланд во групата 3 со една победа, откако „рибарите“ вчера ја декласираа Грција.

Следниот тест за репрезентативците ќе биде гостувањето во Грција во Кожани во недела (17.00 часот), каде што на „жежок“ терен ќе се обидеме да покажеме дека сме сериозни кандидати за првото место.

Капитенот Кирил Лазаров повторно беше најефикасниот со осум постигнати голови (од кои пет одигра), додека Дејан Манасков се разигра во второто полувреме за да заврши со шест гола, а по четири имаа Стојанче Стоилов и Филип Талески.

Во другите денешни квалификациски мечеви за Евро 2020, Хрватска избегна резил пред домашната публика победувајќи ја Швајцарија со 31:27 откако губеа на полувреме, додека Босна и Херцеговина стигна до победа во последните секунди од мечот на гости кај Белорусија (29:30).