Македонија и Европската комисија ќе потпишат договор за заедничка набавка на лекови и медицинска опрема

Владата ја разгледа и усвои информацијата за потребата од пристапување кон и потпишување на заедничкиот договор за набавка на лекови и медицинска опрема со Европската комисија.

За таа цел, како што информираат од владината прес-служба, задолжен и овластен е министерот за здравство да го потпише и соодветно имплементира заедничкиот договор за набавка на лекови и медицинска опрема со Европската комисија.

На оваа седница беше донесен и заклучок за воспоставување централен механизам за примање, следење и распоредување на сите донации и помош што земјава ги добива, а со кој ќе раководи заменик-претседателот во Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, како национален координатор за странска помош.

Во согласност со заклучокот, донациите и помошта што ќе бидат примени, ќе се складираат централизирано, на едно место, и ќе се распоредуваат во согласност со потребите и приоритетите од доставени барања од страна на државните институции.

По предлог на Министерството за економија, денеска министрите ја разгледаа и донесоа уредбата за примена на Законот за акредитацијата за време на вонредна состојба, според која предвидува одложување на роковите за доставување на извештајот за реализираната програма за работа на Институтот за акредитација на Република Северна Македонија за 2019 година, како и извештајот за работата на Советот за 2019 година и извештајот на одборот за надзор на материјално-финансиска контрола за 2019 година за време на траење на вонредната состојба.

Важноста на сертификатите за акредитација, чиј рок е истечен или ќе истече за време на траење на вонредната состојба и на сертификатите за акредитација, чиј рок ќе истече во период од четири месеци по престанокот на траење на вонредната состојба, во согласност со оваа уредба се продолжува до завршување на постапката за реакредитација од првото наредно оценување.

Телата за оцена на сообразност, чиј сертификат за акредитација истекол или ќе истече за време на траење на вонредната состојба, сe должни да иницираат постапка за реакредитација во рок од 30 дена по престанокот на траењето на вонредната состојба.

Надзорните исполнувања на барањата за акредитација и постапките за реакредитација, кои требало или треба да се реализираат за време на траењето на вонредната состојба, се одложуваат за време на траење на вонредната состојба и ќе се реализираат по престанок на траењето на вонредната состојба.

За време на траењето на вонредната состојба може да се завршат постапките за акредитација, реакредитација и надзорните оценувања, чии оценувања се реализирани и со оцена на потребните документите.

Според уредбата, телата за оцена на сообразност за време на траењето на вонредната состојба може да достават барање и пријава за акредитација и други документи во врска со постапките за акредитација по електронски пат.

На денешната 39-та седница беше разгледана и усвоена уредбата со законска сила за примена на Законот за основање на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој за време на вонредна состојба, чии одредби ги регулираат роковите за одлучување по барањата за одобрување финансиска поддршка и исплата на финансиска поддршка, за склучување договори за финансиска поддршка, намалување на финансиската поддршка поради неисполнување договорни обврски од договорите за финансиска поддршка, за дополнување или дообјаснување на барањата за финансиска поддршка, за роковите за реализација на инвестициите предмет на договорите за финансиска поддршка, извршувањето на контроли на самото место на договорите за финансиска поддршка, кои истекуваат или ќе истечат за време на траењето на вонредната состојба, да се одложат и да се продолжат за 60 дена по престанокот на траењето на вонредната состојба.

Роковите определени во договорите за финансиска поддршка за реализација на инвестицијата престануваат да течат за време на траењето на вонредната состојба и продолжуваат да течат по истекот на траењето на вонредната состојба, но само за онолку денови колку што престанале и тоа од денот на истекот на траењето на вонредната состојба.

Во согласност со оваа уредба роковите за доставување барања за финансиска поддршка определени во јавниот повик за доставување барања за финансиска поддршка по ИПАРД-програмата 2014-2020 се одложуваат за време на траењето на вонредната состојба и продолжуваат да течат по престанок на траењето на вонредната состојба.