Македонија горд домаќин на европската младост - ЕМОФ Скопје 2025 официјално затворен

Со емотивна церемонија синоќа пред спортскиот центар „Јане Сандански" официјално заврши Европскиот младински олимписки фестивал – ЕМОФ Скопје 2025. По една недела исполнета со натпревари и олимписки дух, Скопје и Куманово се простија од младите спортисти од цела Европа.

Во финалниот пласман на медалите, Италија се покажа како најуспешна делегација со вкупно 50 медали - 19 златни, 19 сребрени и 12 бронзени. Втора место зазема Франција со 38 медали (15-18-5), додека на третото место е Шпанија со 33 медали (10-11-12).

Од топ седумте земји, забележителни се и резултатите на Полска со 27 медали, Турција и Унгарија со по 26 медали, и Обединетото Кралство со 22 медали.

Претседателот на Македонскиот олимписки комитет, Даниел Димевски, истакна дека Македонија успешно се справи со предизвикот да организира настан од европско значење.

"Македонија беше горд домаќин на новата генерација олимписки надежи. Она што го сведочевме беше многу повеќе од спортски натпревари - тоа беше прослава на младоста, на искреното пријателство и на вистинските олимписки вредности", изјави Димевски.

Фестивалот привлече внимание на милиони луѓе низ Европа преку преносите и стриминг платформите, што го потврди меѓународниот значај на настанот.

Церемонијата започна со видео-анимации инспирирани од спортските дисциплини, проследени со химната на Македонија и парада на делегациите. На сцена се појавија 20 волонтери кои симболично ги претставуваа над 700 ентузијасти што придонесоа за реализацијата на фестивалот.

Претседателот на Европските олимписки комитети, Спирос Капралос, официјално го прогласи фестивалот за затворен. Беше интонирана "Ода на радоста", свечено беше спуштено знамето на ЕОК, а олимпискиот оган на ЕМОФ беше изгаснат.

"Каква неверојатна недела зад нас! Имавме голема привилегија да бидеме сведоци на напорната работа, страста и ентузијазмот на нашите прекрасни спортисти", рече Капралос, честитајќи им на сите 4.000 учесници во 15 спортови.

Знамето на ЕОК беше предадено на градоначалничката на Лињано Сабјадоро, Лаура Ѓорџи, и на Џорџо Брандолин, претседател на организацискиот одбор на следниот летен ЕМОФ што ќе се одржи во 2027 година.

Церемонијата заврши со концерт на Кирил Џајковски, пионерот на електронската музика на Балканот, чиј настап создаде еуфорична атмосфера со спој на електро, етно и брејкбит музика.

Фестивалот се одржа на 26 јули, токму 62 години по разорниот земјотрес кога европските земји се обединија во поддршка за Скопје. Овој датум повторно стана симбол на европското единство, овој пат преку спортот и младоста.

ЕМОФ Скопје 2025 ќе остане запаметен како успешен фестивал на младоста, пријателството, фер-плејот и европското единство, потврдувајќи дека Македонија може професионално да организира настани од највисоко ниво.