Македонија е збогатена со над 80 нови хотели

Бројот на хотелите во Македонија се зголемил од 147 во 2010 година на 229 на крајот од 2015 година, што значи дека за период од пет години во земјава биле изградени 82 нови хотели.

Ваквите бројки покажуваат дека во главниот град, но и во поголемите туристички центри во земјава како Охрид, Струга, Маврово и граничните градови како Гевгелија, Струмица и други, хотелиерството се етаблира како еден од најбрзорастечките бизниси. Зголемениот број туристи во главниот град, но и во преостанатите туристички делови на државава поттикна многу инвеститори да ги вложат своите пари токму во овој вид бизнис. 

Имено, само во јануари годинава земјава ја посетиле 25.031 странски туристи, кои оствариле 46.137 ноќевања. Најмногубројни биле гостите од Грција, Бугарија, Албанија, Турција и од Србија.

Во Државниот завод за статистика информираа дека бројот на странските туристи во јануари годинава во однос на јануари лани е зголемен за 15,5 отсто, а бројот на ноќевањата 15,2 отсто. Туристичкиот бран во јануари е само илустрација за повеќегодишниот пораст на бројот на туристите во земјава, за што голем придонес има субвенционирањето на авионскиот превоз, како и на аранжманите за странските гости.