Македонија е во последните 5 земји во Европа по безбедност во сообраќајот

Според анализите, во споредба со 32 земји во Европа, Македонија е меѓу последните 5 земји по безбедност на сообраќајот.

Според министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, тоа било аларм надлежните серизно да се зафатат со оваа проблематика и вети дека во следниот период ќе бидат најдени конкретни решенија со кои ќе се подобрат условите на патиштата и ќе се зголеми  безбедноста.

Сугарески рече дека во земјите од ЕУ има во просек 5,2 жртви во сообраќај на 100.000 жители, а во Македонија има 7,1 жртви во сообраќајот на 100.000 жители. Поради ваквите загрижувачки бројки, министерот рече дека се јавила потребата да се формира една водечка институција, односно извршно тело, кое ќе има крајна одговорност и задача за подобрување на безбедноста и намалување на бројот на жртви на патиштата во Република Македонија.

Тој истакна дека веќе е формирана работна група која до крајот на 2018 година ќе даде конкретен предлог за формирање агенција за управување со безбедноста на сообраќајот.