Македонија е безбедна - во соседството расте бројот на заболени од западнонилска треска

Иако во соседството постојано се зголемува бројот на заболени од вирусот западнонилска треска, состојбата во Македонија е безбедна и досега нема пријавени случаи. 

Бројот на лица заразени со западнонилски вирус во Хрватска значително се зголеми и дел од нив заврши во болница.

Како што објави „Подравски лист“, седум заразени лица се во критична состојба во инфективната болница во Загреб. Тие се повикуваат на изјавите на хрватските инфектолози од утрово.

„Сите лица се во критична, опасна по живот состојба, и доаѓаат од области на континентална Хрватска, а сите се заразени со западнонилски вирус”, пишува локалниот весник.

Според податоците на Хрватскиот институт за јавно здравје (ХЗЈЗ) од минатата недела, во Хрватска се заболени 26 лица, а едно почина.

Според последните податоци со кои располага европскиот Центар за превенција и контрола на болести, до 30 август годинава на подрачјето на Европа регистрирани се вкупно 710 случаи на вирусот западнонилска треска, од кои најмногу заболени има во Италија, односно 327 случаи, понатаму 213 има во Србија, 147 случаи во Грција, 117 се регистрирани во Романија и 96 во Унгарија.