Македонија догодина може да биде лишена од Евровизија - ова се причините

Поради ненадмирен долг кој Македонската Радио-телевизија (МРТ) го има кон Европската радиодифузна унија (ЕБУ), годинава македонските граѓани можат да бидат лишени од задоволството да гледаат „Евровизија“, спортски првенства, странски програми, филмови документарци.

МРТ се соочува со долг кој може да предизвика за неа санкции од трето ниво, вели Клер Рејнфорд, висока претставничка за односи со јавноста од ЕБУ.

– За жал, „Македонската радио-телевизија” веќе нема пристап до нашите сервиси сè додека не го плати долгот – вели Рејнфорд, која не ја откри сумата што ја должи националниот сервис.

Долгот кон ЕБУ се однесува за годишната членарина, но и за некои програмски права. Според т.н. Кодекс за финансии, документ на ЕБУ, воведувањето санкции од трето ниво значи дека долгот е постар од 270 дена.

-Во случај на фактура која не е платена во рок од 270 дена од датумот на издавање, пристапот до сервисот ќе биде прекинат и извршниот одбор автоматски ќе побара препорака од Генералното собрание за целосно исклучување на членката од ЕБУ”, пишува во документот.