
Министерството за здравство и здружението ХЕМА-ОНКО денес, во Свечената сала на Владата, ја одржаа работилницата „Редефинирање на онколошката грижа: системски решенија за достапна и непрекината грижа во Македонија“.
За прв пат во историјата на Македонија, за состојбата и иднината на онколошката грижа се разговара на вакво високо ниво.
На една маса седнаа Владата, Министерството за здравство, МАНУ, Медицински и Фармацевтски факултет, Институтот за јавно здравје, Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија, ГОБ „8 Септември“, повеќе директори на ЈЗУ, здравствени работници и од јавен и од приватен сектор, претставници на пациентите, како и на индустријата. Со нив беа и водечки експерти од Франција, Словенија, Хрватска, Бугарија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.
„Сега е критичен момент како од фрагментиран и преоптоварен систем на онколошка грижа да преминеме во сеопфатен национален план и онколошка мрежа со единствени стандарди и ја има целата поддршка на Владата и здравствените власти“ изјави министерот за здравство Сашо Клековски на отворањето.
„За првпат во историјата на Македонија за ракот се разговара на вакво ниво: Владата, институциите, лекарите, пациентите и врвни европски експерти заедно“, изјави директорот на УКРО Игор Стојковски. Инаку, бројките покажуваат зошто разговорот е итен. Во 2023 година во Македонија се регистрирани 8.371 нови случаи на рак, што е 16 % повеќе отколку пред десет години. Истата година од рак починале 3.726 лица. Секој ден се поставуваат околу 23 нови дијагнози, а умираат околу 11 луѓе. Кај нас ракот се јавува поретко отколку во ЕУ, но од него се умира почесто.
Во воведното предавање проф. д-р Жозеф Глигоров од Универзитетот Сорбона и болницата Тенон во Париз ги претстави европските онколошки стандарди. Тој истакна дека Македонија треба да премине од еден преоптоварен центар кон национална онколошка мрежа
. Во таа мрежа еден сеопфатен онколошки центар ќе ја води грижата, сложеното лекување ќе се концентрира таму, а вообичаената терапија ќе се дава поблиску до домот на пациентот.
Како најбрзи мерки ги посочи задолжителните конзилиуми за секој нов случај, вклучително и на далечина, и патеките на пациентот со максимални рокови на чекање. Притоа предложи патоказ за следните 24 месеци. Првиот панел, со модератор Синиша Стојаноски, директор на ГОБ „8-ми Септември“, отворено ги изнесе слабостите на системот. Говореа д-р Марија Андоновска (ИЈЗ), Елена Ристоска (МЗ), проф. д-р Игор Стојковски (УКРО) и Ана Марјановиќ (ХЕМА-ОНКО).
Панелистите покажаа дека ракот кај нас се јавува поретко отколку во ЕУ, но од него се умира почесто. Скрининг-програмите постојат на хартија, но не стигнуваат до граѓаните, па опфатот кај ракот на дојка е под 6 %. Дијагностиката, без која нема терапија, е недоволна и ранлива. УКРО носи товар за цела држава и работи на границата на своите можности, со само три линеарни акцелератори за 1,8 милиони жители. Терапијата се планира од буџет до буџет, а пациентите губат недели од првиот сомнеж до почетокот на лекувањето. И покрај тоа со истата опрема во 2025 година и истиот персонал дијагностичките услуги се зголемени за 15% а радиотерапијата за 55% и само благодарејќи на подобрата организација и на здравствените работници, нема колапс.
Панелот „Од потреби до одлуки: инфраструктура и технологија во онколошката грижа“, беше посветен на приоритетите. Модератор беше Ана Шутиноска. Учесниците во три круга одговараа на три прашања: каде е најитно, што функцира и кои се следните чекори. Во рамки на овој панел серазговараше и за приоритетните инфраструктурни и технолошки потреби за унапредување на грижата за онколошките пациенти, како и долгорочните стратегии за национален пристап кон контролата на малигните заболувања.
Во заклучната сесија во име на пациентите се обрати Ана Марјановиќ од ХЕМА-ОНКО. Министерот Клековски ги изнесе насоките на Министерството за следните чекори: итни мерки за стабилизација на онколошката грижа и долгорочен национален пристап кон контролата на ракот.
„Денес за првпат имаме заедничка слика: каде сме, каде сакаме да бидеме и како ќе стигнеме дотаму. Пациентите што се лекуваат денес не можат да чекаат, па затоа прво доаѓаат итните мерки. Паралелно започнуваме повеќе активности како студија за инфраструктурата и технологијата и градење на долгорочен национален пристап кон контролата на ракот. Македонија од годинава е дел од EU4Health под исти услови како земјите-членки. Европските средства одат таму каде што има национален план, јасна водечка институција и податоци“, рече Клековски.