Македонија „чека“ Бугарија да одобри дел од вишокот вакцини на Фајзер

Бугарија објави дека ќе ѝ подари на Македонија 51.480 дози од ковид вакцината на „Фајзер/Бионтек“. Тоа е одлука на привремената Влада што треба да биде ратифицирана во Народното собрание. Македонија притоа ќе ги покрие трошоците за испорака на вакцините, согласно тристраниот договор со Бугарија и компаниите „Фајзер“ и „Бионтек“.

Бугарија, која последна во ЕУ почна со вакцинирањето, има само 20% целосно вакцинирани возрасни граѓани, според Европската здравствена агенција. 21,8% Бугари имаат примено една доза, а од 5,14 милиони платени и испорачани вакцини, 2,85 милиони и натаму не се аплицирани.

Според последните официјални бројки, 52% од населението во Македонија над 40 години има примено барем една доза, како и 28% жители од 18 до 39 години. До вчера, 531.033 жители на Македонија се целосно имунизирани.

Од денеска, Македонија се наоѓа на „црвената листа“ на Бугарија според ризикот од зараза со коронавирус заедно со уште неколку други земји. Но, македонските граѓани нема да се соочат со ограничувања при влез во земјата, односно како и до сега ќе мора да се покаже вакцинален сертификат, потврда за прележаност, или ПЦР тест.  Бугарија објави дека го признава дигиталниот ковид сертификат на Македонија, израмнувајќи го со оној на Европската Унија.