Македонија бара повторно воведување на директна авио-линија Скопје – Доха

Директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ), Драги Стојаноски, на средба со претседателот на Катарските воздухопловни власти, Mohamed Faleh Al-Hajri, побара повторно воспоставување на директната авио-линија помеѓу Скопје и Доха.

Средбата се одржа на маргините на Собранието на Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ICAO) во Монтреал. Од АЦВ велат дека оваа линија е од особено значење за Македонија, бидејќи би придонела за развој на економијата, трговијата и туризмот, а воедно би им олеснила на македонските патници кои Доха би ја користеле како конективна точка за патувања кон Блискиот Исток, Азија, Австралија и Нов Зеланд.

На средбата се разговарало и за унапредување на билатералната соработка во областа на цивилното воздухопловство преку размена на искуства, тренинзи и обуки, взаемна помош во процесите за оспособување на воздухопловен персонал, како и можности за студиски посети и обуки на работно место (OJT). Целта е користење на најдобрите практики за зголемување на безбедноста во цивилното воздухопловство.

„Средбата уште еднаш ги потврди исклучително пријателските односи меѓу двете земји. Во тој дух, директорот Стојаноски ја потврди поддршката на Македонија за кандидатурата на Катар за членство во Дел III на Советот на ICAO,“ соопштија од АЦВ.