
43-годишен македонски државјанин е уапсен во Србија, кој сакајќи да избегне сообраќајна санкција се обидел да поткупи сообраќајни полицајци.
Според српското Министерство за внатрешни работи, осомничениот со иницијали З.А. бил лишен од слобода поради сомнение дека сторил кривично дело „давање поткуп“, а апсењето го извршиле припадници на Управата за криминалистичка полиција и Службата за борба против корупцијата.
Настанот се случил на автопат во близина на Краљево откако сообраќајни полицајци го запреле македонскиот државјанин. При контролата било утврдено дека возел со брзина над дозволената.
Полицајците, според наводите на српските власти, констатирале и дека возилото се движело по левата сообраќајна лента иако десната во тој момент била слободна, па поради констатираните прекршоци, полицајците требало да му издадат соодветен прекршочен налог.
Сепак, ситуацијата се усложнила кога возачот на полицајците им понудил пари за да не биде санкциониран за направените сообраќајни прекршоци, а полицајците ја пријавиле понудата, по што во случајот се вклучиле надлежните служби за криминалистичка полиција и борба против корупцијата.
На 43-годишниот македонски државјанин му е определено задржување до 48 часа и по истекот на мерката, тој треба да биде спроведен пред надлежното обвинителство во Краљево.