Македонците во БиХ од денеска ќе патуваат само со лична карта

Делегација на Советот на министри на Република Босна и Херцеговина, предводена од претседавачот на Советот, Денис Звиздиќ, денеска престојува во еднодневна официјална посета на Република Македонија.

Граѓаните од Македонија и БиХ од сега ќе можат да ги поминуваат границите на двете земји само со лични карти. Ова го договориле премиерот, Зоран Заев, и претседавачот на советот на министри на БиХ, Денис Звиздиќ.

Премиерот Заев на заедничка прес-конференција истакнаа дека ова е веќе пракса што Македонија ја воспостави претходно со Србија и со Албанија.

– Ова е втор конкретен чекор за олеснување на движењето на граѓаните меѓу двете земји по веќе потпишаниот договор за меѓусебно признавање на возачките дозволи, истакна Заев.

Покрај олеснување на движењето на граѓаните, со денеска потпишаниот Договор се олеснети и условите за учениците од основното и средното образование, како и за студентите, кои ќе учат под еднакви услови како домашните. Школарината ќе биде еднаква како и за домашните студенти.

Заев истакна дека Македонија и Босна и Херцеговина испраќаат порака оти сериозно се посветени на развивање пријателски односи во соседството и за сплотен регион насочен кон европски перспективи.

Звидиќ оцени дека меѓу двете земји нема отворени проблеми

– Македонија и БиХ се најслични земји во регионот и добро се разбираат. Се соочуваат со слични политички и економски проблеми и она што е важно имаме иста основна цел а тоа е двжење кон ЕУ, порача Звиздиќ.

Потенцира дека она што сакаат двете земји е мир, економски просперитет, амбиент за економски развој и зголемување на животниот стандард.

Двајцата премиери разговарале за унапредување на економската соработка.

Посочија дека има потенцијал за унапредување на економската соработка, но оти проблем е инфраструктурата и енергетска и транспортна и дигитална и оти тоа се проекти на кои ќе инсистираат. –

– Неопходно е регионот да се поврзе подобро, а во најбрзо можно време е предидена и авионска линија која ќе ги поврзе Скопје и Сараево, рече Звиздиќ. Во тек се преговори со некои од регионалните авиопревозници, а се бара помош и од Европската унија.