Македонците се повеќе се дебели и немаат навика за вежбање

18,3 отсто од луѓето во Македонија постари од 18 години, според индексот на телесна маса, се дебели, а 55 отсто од луѓето се со зголемена телесна тежина. Европскиот просек на дебели луѓе е 17 отсто.

Ова го покажува студијата за исхрана на Институтот за јавно здравје, која е направена лани пролетта, со телефонска анкета на 1.036 испитаници. Истражувањето и студијата се направени на барање на Министерството за здравство, а финансиските средства за нејзино спроведување од 20.000 евра биле обезбедени од Светската здравствена организација, Институтот за јавно здравје и од Министерството за здравство. 

Дебелината предизвикува болести и кај богатите и кај сиромашните луѓе. Богатите, иако купуваат поквалитетна храна, таа може да биде покалорична и да предизвика прекумерна телесна тежина. Факт е дека во многу сиромашни средини не се внимава на квалитетот на храната туку се оди на најевтината храна, која и најчесто, во поглед на нутритивната вредност, е најлоша.

Истражувањето покажало оти Македонците, во просек, јадат доволно овошје и зеленчук, дека не јадат сувомесни производи над 50 грама дневно, што е ризик фактор за колоректален карцином, и оти просечниот оброк е во препорачаните 2.400 килокалории. Со истражувањето откриле оти над 80 отсто од луѓето немаат никаква физичка активност која би влијаела врз подобрување на здравјето. 

Според податоците од студијата, мажите се подебели од жените, односно од испитаниот број мажи 19,6 отсто се дебели, а 62,7 се со зголемена тежина, додека кај жените дебели се 17,2 отсто, а 48,4 отсто се со зголемена тежина.