Македонците, поради ПЦР тестовите, ги заменија Банско и Боровец со Маврово и Попова Шапка

Зимските туристички центри во соседните држави и оваа сезона се атрактивни за македонските граѓани, но се чини дека популарните зимски дестинации Банско и Бровец годинава се повеќе запоставени.

Една од можните причини за тоа се ковид мерките за влез во соседна Бугарија.

Од денеска на сите државјани на Република Северна Македонија им е дозволен влез во Бугарија со приложување на валиден сертификат за вакцинација против Ковид 19 или сертификат за прележана болест, заедно со негативен ПЦР тест не постар од 72 часа.

За влез на малолетни лица од 12 до 18 години, исто така е задолжителен негативен ПЦР тест, информира Министерството за надворешни работи. Ова, коментираат граѓаните, е една од причините поради кои оваа година ќе се откажат од Банско.

-Има супер услови и понуди за Банско, Боровец, Пампорово. Цените се прифатливи. Хотелите нудат добра услуга. Има одлични можности за скијање и рекреирање на целото семејство, но поради дополнителните трошоци за негативни ПЦР тестови годинава нема да одиме, вели една скопјанка.

Од туристичките агенции информираат дека годинава има зголемен интерес за зимување на Копаоник во соседна Србија.

Изминативе празници и викенди голема посетеност имаше и во домашните зимски туристички центри како Маврово, Попова Шапка, Нижеполе и Крушево каде посетителите имаат можност да се сместат во приватни или хотелски сместувања, има понуда за скијање за деца и возрасни и прекрасен природен амбиент со снег.