Македонците најчесто користат лекови за дијабетес и желудник

Метформинот и натаму е најпрепишуваниот лек во Македонија, покажуваат најновите податоци на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО). Во текот на 2025 година за овој лек, кој најчесто се користи за лекување на дијабетес и метаболички нарушувања, биле издадени повеќе од два милиони рецепти.

Податоците ги презентираше директорот на ФЗО, Сашо Клековски, кој истакна дека веднаш зад метформинот по бројот на издадени рецепти се наоѓа пантопразолот, лек што се користи за третман на желудочни заболувања и намалување на желудочната киселина, а меѓу најчесто употребуваните лекови останува и дијазепамот. Воедно, анализата на Фондот покажува дека во 2025 година се издадени околу 27 милиони рецепти преку Позитивната листа А, што претставува раст од осум проценти во однос на претходните години.

Од ФЗО посочуваат дека, иако вкупната потрошувачка на лекови е зголемена поради воведувањето на нови и поскапи терапии, употребата на антибиотици бележи намалување и според бројот на рецепти и според потрошените средства. Според Клековски, тоа е позитивен тренд кој укажува на порационална употреба на антиинфективните лекови.

Вкупната вредност на лековите што во 2025 година се финансирани од Фондот и државата достигнува околу 11 милијарди денари, а најголем дел од средствата се насочени кон современи терапии за пациенти со онколошки, ретки и автоимуни заболувања.