Македонците имаат сопствени домови, Европејците живеат под кирија

Иако има неспоредливи разлики во стандардот, месечните примања и економскиот развој меѓу земјите од Европската Унија и Македонија, тоа не се манифестира соодветно врз сопственоста на недвижностите односно живеалиштата.

И покрај тоа што европските граѓани се несомнено побогати од Македонците, многу поголем е просекот на македонски граѓани што живеат во сопствени живеалишта. 

Најновите податоци на „Еуростат“ покажуваат дека во 2015 година 42 отсто од граѓаните на Европската Унија живееле во станови, а 57 отсто во куќи. Најголем процент од населението живеело во станови во Шпанија (66 отсто), Летонија (65 отсто) и во Естонија (63 отсто), а во куќи најмногу живееле Ирците (93 отсто), Британците (84 отсто), Хрватите (81 отсто) и Белгијците (77 отсто). 

Седум од 10 жители на ЕУ или околу 69 отсто живееле во сопствени живеалишта, 20 отсто живеат под кирија, а преостанатите 11 отсто како потстанари со симболични кирии или бесплатно сместување кај семејството. 

Податоците на Државниот завод за статистика на Македонија, пак, покажуваат дека во 2015 година дури 83,2 отсто од населението во земјава живеело во единечни одвоени куќи или единечни полуодвоени куќи, а само 16,6 отсто живееле во  станбени згради. Според статистичките податоци, дури 80 отсто од населението во Македонија живее во сопствени живеалишта, што е тренд карактеристичен за повеќето земји од Централна и од Југоисточна Европа. 
Забележително е дека и кај одредени земји од нашето соседство може да се забележи дека по влегувањето во ЕУ има пораст на бројот на граѓаните што живеат под кирија. Пред неколку години Бугарите заедно со Романците беа на врвот на листата, со над 90 отсто жители што имале сопствен дом. Сега тој процент изнесува околу 84 отсто, пишуваше неодамна бугарскиот „Сега“.

Неповолниот тренд во Бугарија се објаснува со тоа што сѐ поголем број граѓани ги напуштаат своите родни места во потрага за подобра работа и егзистенција. Во новите места тие најчесто живеат во изнајмени станови. Податоците на „Еуростат“ покажуваат дека се зголемува бројот на граѓаните што живееле во нов стан купен со банкарски кредити. Миграцијата е причина и за зголемениот процент на оние што имаат домови што се под хипотека. Најмногу лица што живеат под кирија има во Софија, каде што има и зголемена изградба на станови. Се очекува овој тренд да продолжи и во наредните години. 

Ова не е карактеристика само за Бугарија туку важи генерално за цела Европа. Од 2010 година процентот на оние што живеат во сопствен стан постојано се намалува. За последните четири години овој број на европско ниво е намален за 0,6 отсто. Рекордер во ова е Германија, каде што речиси половината од населението живее под кирија. Речиси 40 отсто од Германците живеат под кирија, а помалку од 10 отсто користат бенефиции во изнајмувањето станови и пониски кирии. Во Холандија, Данска, Шведска процентот на лица што купиле сопствен дом според пазарни цени надминува 30 отсто.

 

Извор, анализа:  новамакедонија.мк