Македонците добија можност да патуваат до голем број дестинации по поволни цени

Влезот на нискотарифните оператори и политиката на субвенционирање дадоа резултат. Граѓаните на Македонија добија можност да патуваат до голем број посакувани дестинации по поволни цени. Веќе од октомври на македонскиот пазар влегува авиокомпанијата „Еуровингс“, дел од моќната групација „Луфтханза“. Ќе го понуди летот Скопје – Минхен, до главниот аеродром Франц Јозеф – Штраус.

„Скопје ќе стане една од нашите 150 дестинации. Очекуваме да инвестираме повеќе во Македонија и во регионот во иднина“ – вели директорот за развој на мрежата на линии на „Еуровингс“, Иван Ореч.

Влезот на „Еуровингс“ е важен и од друг аспект, а тоа е фактот што ни се отвораат нови интерконтинентални линии.

„Македонските граѓани и сите наши патници од регионот ќе добијат дополнителна врска со овој германски град, како и нови можности за европски и интерконтинентални конекции, благодарение на кодшер договорот меѓу „Луфтханза“ и „Еуровингс“ како компанијата-ќерка“ – објаснува директорот Ерсој.

Годинава, летниот ред на летање го сочинуваат: Барселона, Базел, Белград, Берлин, Братислава, Брисел, Будимпешта, Келн, Копенхаген, Доха, Дортмунд, Дубаи, Ајндховен, Франкфурт, Фридрихсхафен, Гетеборг, Хамбург, Хановер, Истанбул, Љубљана, Лондон, Малме, Малта, Милано, Минхен, Нирнберг, Осло, Париз, Прага, Рим, Стокхолм, Ваксјо, Венеција, Виена, Загреб, Цирих.

Годинава, односно во летната сезона ќе почнат да се реализираат и летовите од Охрид кон Варшава и Котовице, што ќе значи и зголемување на бројот на посетители во нашиот најголем туристички центар. Претходно, на македонскиот пазар влезе и најголемиот европски тур – оператор Томас Кук.