Македонци го купуваат Халкидики

Грци на Халдики преуредуваат продавници, канцеларии и други помали објекти претворајќи ги во станбен простор за одмор.

Така сакаат да ја подмират големата побарувачка за викендички и апартмани по ниски и пристапни цени, а меѓу заинтересираните купувачи има и Срби и Македонци, пишуваат повеќе српски портали, цитирајќи грчки новински агенции и други медиуми.

– Многу се интересираат за помали простори со површина од околу 25 квадратни метри, чија продажна цена се движи во распонот од 15.000 до 50.000 евра, вели претседателот на Здружението на агенти за недвижнини на Халкидики, Григорис Стивахтарис, пренесува грчката агенција АНА.

Стивахтарис за грчкото радио Практорејо рекол дека купувачите се главно од Бугарија, Романија, Србија, Македонија, Русија и од Кипар и дека бараат помали и евтини куќи.

– Ова е време кога купувачите го контролираат пазарот и можностите се отворени за сите, објаснил тој.

Интересот на купувачите е во најголем дел фокусиран на Касандра, првиот крак на полуостровот Халкидики, а голем е и кога станува збор за помали станови во други области, како што е Пиерија во близина на Солун.

Покрај тоа, постои и категорија на купувачи кои се заинтересирани за скапи и луксузни објекти, а меѓу нив има 10 до 20 отсто Бугари или Руси, додека 20 до 30 отсто од таа група купувачи се Грци, навел Стивахтарис.