Македонци експериментални глувци – доброволно голтаат апчиња за да заработат пари

Врз четириесетгодишен скопјанец, чиј идентитет согласно Законот нема да го откриеме, веќе една деценија се тестираат разни видови на лекови во Институтот за фармакологија и токсикологија во клиничкиот центар во Скопје, пред истите да се пуштат во употреба, дознава Вечер.

Сосема случајно, низ смеа, вели дека разбрал оти во оваа институција доброволно можеш да се пријавиш како “експериментално глувче# и добро да заработиш. Него во овој “бизнис” го вовлекла неговата сопруга која е медицинско лице. Според него, месечно од овој бизнис може да се заработи и една просечна плата. “Редовно сум вработен во едно скопско јавно претпријатие, а во Институтот доаѓам на повик на лекарите. Во клиниката, зависно од лекот кој ми се дава, останувам и по три дена. За среќа, досега сум немал некои реакции од проголтаното апче кое би ми го загрозило животот. Понекогаш се случувало да ми се јави исип или, пак, вртоглавици и повраќање, но тоа е подносливо”, раскажува нашиот соговорник.

Но, и покрај несаканите дејства, тој не се поколебал и понатаму останал активен голтач на лекови. Вели дека не му е страв оти во иднина можно е да му се случи нешто непредвидено како последица на многубројните видови различни лекови кои досега биле тестирани на неговото тело. “Целата процедура се води под многу ригорозна и строга лекарска контрола”, објаснува нашиот соговорник.

Над 1.700 полнолетни лица на возраст од 18 до 55 години, чиј идентит лекарите го кријат како змија нозе, се наоѓаат на листата таканаречена тестер кои на повик на докторите од Институтот за фармакологија со токсикологија, во Скопје, се тука за пари да го проголтаат лекот кој треба да се испита.

Меѓу нив има само пет жени, бидејќи според градбата жените се посебни, па затоа е различна и подготовката и процедурите кога тие подлежат на тестирање на некој лек. Изричито е забрането тестирање на лекови врз малолетни, но и врз болни лица, велат докторите од оваа институција.
“Не барајте од нас да ви кажеме кои лица се на списокот ниту да ви ги откриеме спонзорите. Тоа е изричито наведено во законот и ние мора да го почитуваме”, ни рече еден од докторите со кој разговаравме.

Институтот работи со полна пареа. Врз луѓето се тестираат како домашни така и лекови од странско производство. Опремен е со најсовремена опрема. Насекаде се е ново и функционира според стандарди исто како европските, за разлика од другите клиники каде што владее хаос. Тимот кој работи во оваа институција го сфатил значењето на пазарните вредности. “Ако се следат стандардните процедури и научните достигнувања тогаш има резултати ако не – тапкаш во место и не си конкурентен”, објаснуваат тие.

По начинот и постигнатите резултати овој институт има висок рејтинг во европски рамки.
Дента кога бевме таму не се вршеше тестирање на ниту еден лек, па затоа докторите со задоволство ни ги покажаа лабораториите каде што се врши испитувањето на лековите, собите кои се беспрекорно наместени каде што по испиените лекови се сместени лицата, опремата, начинот на работата, стандардите, процедурите.

Се тестираат само лековите во тврда форма. На испитаникот му се даваат една до две дози, а понекогаш и три за да се направи споредба за тоа како дејствува лекот. Ова испитување е базично испитување на сите генерички лекови и истото се прави врз исклучиво здрави лица.

 Пред едно лице да биде ставено на оваа листа тој подлежи на ригорозни здравствени контроли. Само исклучиво здрави лица можат да бидат испитаници врз кои се аплицира лекот. За сите генерички лекови се прави студија на биоеквивалентност. Цел свет користи генерички лекови. “Во Македонија нема оригинален лек сите се од генеричко производство, додека пак на ниво на поранешна СФРЈ единствен оригинален лек кој е произведен е сумамедот. За разлика од другите лаборатории во регионов ние сме поевтини и со тоа сме поконкурентни. Но досега немаме работено на лек кој немал одобрение за пуштање во промет, објаснува докторот.

Зависно од лекот кој треба да се анализира различна е групата врз која треба да се аплицира истиот. Максимум групата треба да брои 70 испитаници, а долната граница не може да биде помала од 20 луѓе. Тие по давањето на лекот 24 или, пак, 48 часа се под постојан лекарски надзор и престојуваат во Институтот. Постојано се во придружба на медицинско лице дури и кога одат во тоалет. Засега како што тврдат лекарите не се регистрирани фатални нус појави од лекот што се тестира врз луѓето.

Ново тестирање на лек врз истиот испитаник, како што објаснуваат докторите, може да се врши само ако поминале два месеци од претходното аплицирање на друг вид лек.

Пред едно лице да се подложи врз него да се тестира лек потпишуваат изјава дека доброволно го прават тоа и дека студијата може да ја напуштат во секој момент, а сепак да го добијат надоместокот што им следува.

Листата на лица кои се согласни врз нив да се тестира генерички лек постојано се менува. Едни си одат самоиницијативно, други оти го надминале лимитот на годините, трети оти се исплашиле.

Таков е случајот со еден млад скопјанец вработен во еден угостителски објект. Тој неколкупати одел и врз него биле тестирани разни видови на лекови. Се било во ред се до последниот пат кога му дале да испие некоја таблета. “На почетокот се беше во ред. Но по неколку часа почна да ми се јавува црвенило по кожата и нагон за повраќање. Чувството беше ужасно. Иако лекарите ме смируваа дека тоа е нормална нус појава и дека се ќе помине јас ја донесов мојата конечна одлука повеќе никогаш нема да седнам на ексерименталното столче”, ни раскажува едно 24-годишно момче. Тој сосема случајно разбрал дека со доброволно голтање на лекови може добро да се заработи и без знаење на неговите родители одлучил и дошол во Институтот. Кога слушнале неговите родители се фрапирале, но и покрај нивното инсистирање тој продолжил понатаму да оди во Институтот и да заработува, како што вели, за еден добар одмор.