„Мајски Цвет“ во Тафталиџе 2 ќе добие целосно нов објект

Еден од основните приоритети на локалната самоуправа е да се создадат што подобри услови во градинките. Во таа насока, денеска, во Тафталиџе 2, Општина Карпош, започна реконструкцијата на дел од објектот на градинката „Мајски Цвет”, со којашто, после неколку децении, старата градба од монтажен карактер се заменува со цврста градба, според современи стандарди за престој на најмладите жители на овој дел од општината.

Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев посочи дека на овој начин се зголемува капацитетот на градинката и ќе се овозможат подобри и побезбедни услови за престој, едукација и работа на децата и воспитниот кадар.

– Ова е инвестиција во вредност од 10.614.271 денари, која целосно ќе биде финансирана од буџетот на Општината. Со новоизградениот објект ќе се добијат четири нови занимални за дечињата и 150 m2 дополнителен простор, во споредба со претходната монтажна градба, рече Богоев.

Изведувач на проектот е фирмата ДГПППУ: „Инженеринг Гроуп”, а рокот на изведба е 120 дена.

Квалитетната и сеопфатна детска заштита подразбира континуирано подобрување на условите во градинките и грижа за најмладите, заради што, како што нагласи Богоев, истовремено се гради нова градинка и во Бардовци, до училиштето “Аврам Писевски”, а за оваа година се предвидува и целосна реконструкција на градинката “Мајски цвет” во Тафталиџе 1, која исто така е во лоша состојба.

Во изминатиот период, Општината ги замени и старите и дотраени играчки во градинките, со нови, изработени од еко – материјали. Исто така, со цел децата да се заштитат од загадениот воздух, локалната самоуправа во соработка со општествено одговорните компании донира прочистувачи за воздух за сите градинки.