Мајката на претепаното двегодишно дете: “Близнаците ги добив со ин витро, тој монструм треба да одговара за обид за убиство”

Деновиве македонската јавност е згрозена од случајот со дадилката која во игротеката кај „Дежа Ву“ го тепаше двегодишното дете. Дадилката и претходно била пријавувана од случајни минувачи коишто ја фотографирале како нехумано се однесува со децата а за што и објавуваат фотографии. 

Мајката на детето во интервју за „Алфа“ раскажала на кој начин забременила и како ги добила своите две близначиња, но исто така таа бара и што е можно построга казна за дадилката “монструм“.

„Со години посакував да станам мајка, на крајот успеав, со ин-витро, но само јас знам низ каква голгота поминав за на крај моите чеда да завршат тортурирани и малтретирани од жена монструм, која ја ангажирав преку агенција“ – раскажува мајката.

Мајката е децидна, дадилката наместо само за Запуштање и малтретирање на деца треба да одговара и за обид за убиство и бара најстрога казна.

„Jа гледав целосната снимка, во игротеката ми ја пуштија. Иако од болка и гнев не можев да ја догледам до крај, видов дека таа го гуши моето дете, ставајќи ја нејзината одвратна рака врз устата и носот на моето дете. Сакам да одговара за обид за убиство, а не само за запуштање и малтетирање. Моето дете не може да спие, постојано плаче“ – раскажува мајката.Дадилката за детето и неговите братчиња се грижела една година, а мајката вели дека имала сомнежи за насилно однесување на дадилката и поради тоа ја надгледувала без да знае таа, но со свои очи никогаш не видела такво однесување.

„Неколку пати забележував модринки и гребаници кај децата, ама таа секогаш имаше добри изговори. Ми велеше дека паднале, се изгребале, а јас бидејќи се три дечиња и постои веројатност меѓусебно да се изгребат играјќи си, слепо ѝ верував. Се уверував сама себе оти дадилка за која од Агенцијата ми рекоа дека има лиценца, иако не ми ја прикажаа, има искуство. Таа за да ги чува децата земаше по 30.000 денари месечно, не можев да поверувам дека може да ги малтретира“ – вели мајката.

извор-мајмунче.мк