Мајката и ќерката биле сами во станот, биле заклучени - Обвинителството со првични детали за трагедијата во Карпош

Со ново соопштение се огласија од Основното јавно обвинителство-Скопје во врска со вчерашниот трагичен настан во скопски Карпош. 

Велат ги издаваат сите потребни наредби и насоки за целосно расчистување на случајот, кога при пад од висококатница починаа мајка и дете. Уапсено е едно лице. 

- Едно лице е задржано во полициска станица и по наредба на јавниот обвинител се преземаат дејствија за испитување на евентуална кривична одговорност. Обезбедена е наредба од судија на претходна постапка и во текот на денот ќе се врши детален претрес на станот, кој веднаш по увидот е запечатен и обезбеден. Според првичните сознанија, во моментот на настанот, починатата и малолетното девојче биле сами во станот, заклучени од внатрешната страна, информираат од ЈО.

Како што се наведува во соопштението, денеска по наредба на јавниот обвинител се вршат распити на повеќе лица кои имаат определени сознанија, се врши екстракција на податоци од мобилни телефони и се обезбедуваат снимки од видео надзор и други снимки од неколку локации.

Во текот на вчерашниот ден беше наредена и обдукција на починатите.

- Во однос на претходното постапување, јавниот обвинител побара детално известување од МВР и од Центарот за социјални работи со сите евентуални претходни пријави и поплаки од оштетената, а ќе нареди и внатрешната контрола на МВР да го испита постапувањето по тие пријави, велат од ЈО.