Мајка Тереза во септември ќе биде прогласена за светица

На 4 септември и официјално, во Рим ќе се одржи церемонија за прогласување за светица на Гонџа Бојаџиу позната како Мајка Тереза. Таа ќе стане првата Скопјанка која е прогласена за светец, во целиот католички свет. По тој повод Скопската бискупија ќе приреди татковинска прослава под мотото „Денови на блажена Мајка Тереза“. Деновите ќе почнат веднаш по нејзината канонизација во Рим, а ќе се одржува во Скопје.

 -„Сведоци сме на големи настани во историјата на човештвото и во историјата на нашата црква. Тоа што еден народ, крај или град може да го доживее како најголема радост е славата на припадникот на тој народ, на таа земја или град. Сите нас не израдува веста дека блажена Мајка Тереза, која е родена во Скопје и била наша сограѓанка до своите 18 години, на 4 септември 2016 со чест ќе биде издигната на олтарот, како светица на Католичката црква во целиот свет.“ се посочува во пораката на бискупот Стојанов за прославата.

Според најавеното прославата ќе заврши со таканаречено Ефхаристично славење кое ќе се случи на местото на нејзината родна куќа која се наоѓа на самиот плоштад „Македонија“, при што ќе биде прогласено светилиштето на света Мајка Тереза.