Мајка на убиено момче во „Рибникар“ го праша Коста „Зошто го уби мојот син единец?“ - Го доби овој одговор

Во зградата на Специјалниот суд во Белград денеска продолжува судењето на Миљана и Владимир Кецмановиќ, родителите на момчето Коста што уби девет ученици и обезбедувањето во основното училиште „Владислав Рибникар“. Момчето убиец и денеска продолжува да дава исказ во постапката. Со оглед на тоа дека за време на масакрот имал 13 години, нема да сноси кривична одговорност за своето дело.

Денеска му поставуваат прашања родителите на убиените деца. Судењето е затворено за јавноста, пренесуваат тамошните медиуми.

“Мајка ми секогаш бараше да бидам најдобар. Се лутеше и викаше кога не бев најдобар. Бидејќи секогаш бараше повеќе од мене, јас и се лутев. Тоа нејзино однесување влијаеше да го направам тоа што го правев. Да го немав пиштолот на татко ми, немаше да го сторам ова“, изјави денеска пред судот Коста К., пренесуваат српските медиуми.

Кога Сузана Станковиќ Чикиќ, мајката на убиениот Андрија Чикиќ, го прашала зошто и го убил синот единец, тој одговорил: „Се чувствував отфрлен“. Во тој момент речиси сите во судницата плачеа, пишува Телеграф.

Огњен Божовиќ, адвокатот на семејствата на оштетените, зборуваше за постапката пред судењето.

„Денеска треба да продолжи сослушувањето на малолетниот убиец, имаме можност да поставиме дополнителни прашања. Ќе се обидеме да разбереме како се случија настаните, да ги разгледаме темите, кои биле мотивите и што сакал да постигне. Се надевам дека дополнително ќе утврдиме одговорност и ќе разјасниме зошто тоа се случило, верувам дека одиме кон осуда, неговото сведочење не е пресудно во таа смисла, но мислам дека е значајно“, рече адвокатот и додаде:

„Се надевам дека денеска ќе добиеме повеќе дополнителен материјал кој ќе го потврди нашиот став. Разбирам дека постои легитимен интерес на јавноста и уште од првиот ден ја застапував тезата дека судењето треба да биде отворено за јавноста, но со оглед на судска одлука за изземање, сметам дека секое истекување на информации треба да се истражи и санкционира. Со тоа се создава амбиент во кој ние како адвокати не можеме да ги коментираме насловите во порталите и весниците, а во јавноста завршуваат разни детали. Ова ја отежнува нашата работа“, кажал тој.