Мајка на дете со попреченост: Ќе добијат ли конечно нашите деца еднаков третман како и сите други граѓани?

Заборавени и маргинализирани, на нив се сеќаваат само ден два пред 3-ти декември Денот на лицата со посебни потреби, останатите 360 дена се прескокнати. 

Лицата со посебни потреби во Македонија имаат ограничен пристап до здравствени услуги. 

Лилјана од Скопје е мајка на две деца. Синот Милан, кој има 12 години и ќерката Елена која има 21 година и е со посебни потреби. 
Животот да и биде уште потежок, минатата година ненадејно починал нејзиниот 45 годишен сопруг. Од тој ден, животот и станал се потежок и потежок. Тој бил единствениот кој работел во семејството и од тие пари се прехранувале. А Лилјана зема само пари од Министерството за труд и социјална политика за туѓа нега. 

Откако починал сопругот, за неа немало други решение, освен да бара работа. 

Во моментов работи во скопски ресторан во кујна. 

-Редовна ми е платата, не се жалам, подобро нешто отколку ништо. И сопствениците на ресторанот се добри луѓе, па имаат разбирање. Секој ден доаѓат плачејќи на работа. Мојата Елена никогаш претходно не се делеше од мене. Едноставно е приврзана за мене, си има и таа свои потреби, за кои само јас можам да и помогнам, а јас морам на работа. Син ми е мал се уште и детето си има свои обврски и свој живот, не може да се грижи за сестра му. Секојдневно молам по роднини и пријатели да доаѓаат од време на време додека сум јас на работа да ја посетат. Срцето ми се кине, од страв, но ете, морам едноставно. Морам за да живееме. Едвај чекам кога ќе дојде времето за да си одам дома, и Елена едвај ме чека. Кога сум дома, не ми дозволува да се мрднам од неа, се плаши дека ќе заминам. Се гушка со мене, ме прати со погледот во кој и дел да бидам од собата. Елена сака да се шета, таа иако е со посебни потреби е многу весела и комуникативна девојка. Има ведар дух. Оди во Дневните центри за лица со посебни потреби, но само по неколку часа. Тешко е, за сите. Но, мора да се живее, раскажува мајката Лилјана. 

Лилјана вели дека иако во последно време редовно се зборува за правата на лицата со посебни потреби, има уште многу да се работи за тие да бидат еднакви како и сите други луѓе.