Мајка ми почина во ходник - дали во „8-ми Септември“ е забрането да примаат пациенти над 70 години?

Членови на семејствата на пациенти, нивни блиски роднини секојдневно на социјалните мрежи ги споделуваат своите искуства во борбата со коронавирусот, која според нивните сведоштва станува најпрво борба за болнички кревет и кислород, а потоа борба со вирусот.

Даниела вели дека нејзината мајка не добила хоспитализација навреме бидејќи имала 76 години, а во ГОБ „8 Септември“ кревет се чувал за помлади пациенти.

-Неколку дена по смртта на мојата мајка, конечно собрав сила да ја опишам голготата низ која поминавме. 76-годишна жена, пациент на дијализа, позитивна на ковид, со пад на сатурација, висока температура и наод на плуќата, за што доктор претходно порача ИТНА ХОСПИТАЛИЗАЦИЈА, по извршената дијализа во ковид центарот во “8-ми Септември”, оставена е во ходник сама без никаква медицинска нега. Чека да ја донесеме дома. Зошто? Затоа што немало кревет за неа, креветот се чувал за некој помлад.

Нормално, дома без соодветна терапија ситуацијата драматично се влошува. Утредента во полукоматозна состојба доаѓа брза помош (секоја им чест) но и тие уплашени, кажуваат дека не знаат каде да ја носат, во болница не им ги примале пациентите, особено постарите. На наше настојување докторката решава да се обиде да ја примат во “8-ми Септември” како нивен пациент. По 30 минутно чекање во комбето, докторката се враќа и ни кажува дека нема да ја примат, едноставно над 70 години не примаат во “8-ми Септември”. Сакаат да ја вратат дома, а сатурацијата е 60. На наше очајно инсистирање, сепак брзата помош се решава да се обиде на клиника. И таму чекање 30 минути во комбето, за на крај сепак да се смилуваат и да ја примат на гастро. Рекоа чекајте да дојде доктор и да ви земе податоци. Чекавме, 4 саати, доктор НЕ ДОЈДЕ, само се јавија да ни соопштаат дека починала.

Чувајте се сите, а особено чувајте ги вашите постари сакани. Државата едноставно не им дава шанса да преживеат, а зошто, не знам. Можеби да го растеретат пензискиот фонд?! Па и тие луѓе можат да поживеат уште 10-20 години, но и покрај тоа што цел работен век плаќале здравствено осигурување, на нив им е скратено основното право, правото за лекување, оставени се на немилост, само затоа што се стари, а системот оптеретен.

Разбирам дека е оптеретен здравствениот систем, но исто така и очигледно е дека министерот за здравство, кој слободно може да си ја смени титулата со министер за смрт (затоа што со овие бројки на смртност така и ќе биде запаметен) ниту е способен, ниту може да се справи со ситуацијата во која се најдовме. Би било добро да си се врати во болница и да го работи тоа што најдобро го знае, а раководството со здравствениот систем да го препушти на некој поспособен.

И на крај, две прашања ќе ме мачат:
– Дали мајка ми ќе преживееше ако место да ја исфрлеа во ходник, да и дадеа навремено соодветна венска терапија и кислород?
– Дали ако Илија Филипче се зарази со ковид ќе го примат во “8-ми Септември”, бидејќи нели тој има над 70 години?!

И го повикувам Венко Филипче да излезе и јавно да објави дека во “8-ми Септември” е забрането да примаат пациенти над 70 години. Јавноста мора да знае, особено постарите каде да се обратат во случај на компликации од вирусот, пишува Даниела на Фејсбук.