
Мајка и ќерка од Тетово биле лишени од слобода откако се заканувале и се обиделе физички да нападнат две вработени во Центарот за социјални работи во Тетово.
Како што информираат од МВР, вчера во 11:45 часот полициски службеници од СВР Тетово ги лишиле од слобода 63-годишната М.Н. и 32-годишната С.Н., двете од Тетово.
Според пријавеното, С.Н. била повикана во Центарот за социјални работи во врска со претходно пријавен случај на семејно насилство. Таа во Центарот пристигнала заедно со нејзината мајка, по што, како што е пријавено, двете започнале агресивно да се однесуваат кон две вработени, на кои им упатувале закани и се обиделе физички да ги нападнат.
Мајката и ќерката биле задржани во полициска станица за понатамошна постапка.
Од МВР велат дека по целосното документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.