Поп дивата Маја Оџаклиевска деновиве престојуваше во Скопје. Причина за нејзината посета беше манифестацијата Златна бубамара на популарноста, на која ја доби наградата за трајни вредности. Нејзиниот настап на забавната манифестација помина со бура на овации и гостите уживаа во нејзините безвременски хитови.

За ,,Фокус’’ раскажува дека денес се враќа во Белград, соседна Србија, каде што живее и работи од 1970 година. Вели дека во родниот град не била подолг период, но се уште имала трауми од она што го видела пред пет години, променетиот изглед на Скопје, лажниот барок и изобилството од споменици.

-Во текот на оваа посета не успеав да видам ништо во Скопје поради обврски. Но, околу моите импресии од ,,баркот’’ и новиот изглед на градот, ќе ви кажам дека се уште носам трауми од она што ми остана во сеќавање пред пет години – искрена е музичката ѕвезда.

За наградата на Бубамара вели дека и е голема чест што ја добила и како е воодушевена од настанот и неговата организација.

-Извонредна манифестација, која докажува дека можат да се вреднуваат вистинските уметнички вредности со помош на труд и добра сценариска обработка. Се заблагодарувам на целата екипа на Бубамара, а посебно на Ранко Петровиќ, за целиот напор, за одржувањето на настанот без никакви проблеми, со еден лесен и утврден тек – ни изјави Оџаклиевска.

Таа беше во Македонија и во месец септември, на фестивалот Охридски трубадури во Охрид. Таму настапи на третата, интернационална вечер и го освои првото место од жири комисија и второ од публика, за дуетската песна ,,Оди си’’ со рускиот поп пејач Иван Акулов.