Маја Блажевска ја откри страшната вистинаа за училиштето „Луј“

Маја Блажевска, пред два дена собра храброст јавно и гласно да зборува за вистината која се крие позади ѕидовите на училиштето ДМБУЦ „Илија Николовски- Луј“. Таа преку својата фејсбук објава, отворено го раскажа хоророт и ужасот со кој таа и многу други ученици се соочувале, секојдневно, како ученици таму. 

„Како дел од генерација која веќе го помина ужасот што ни го приреди “Луј”, сметам дека нема повеќе простор за ќутење и страв од уцени, и дека ако веќе рекламираме “вистински вредности” без вистински промени нема да тргнеме никаде.  Со генерации си прераскажуваме бизарни приказни за “Луј” и верувам ,за жал ,дека за поголем дел од нашите соученици и колеги овој статус не е ништо ново. Позади убавите објави и безбројните слики по социјалните мрежи се крие нешто што баш на никој не му го посакувам, поготово не на дете“, напиша Маја.

Таа низ редовите на својата искрена исповед посака темелни промени во оваа институција, особено во односот професор-ученик. Раскажа дека не посакува никој, особено не на идните генерации деца, на само петнаесет години да слушаат навреди, пцовки и уцени од своите професори. 

„Ниедно дете не заслужува да биде под константниот притисок на нечие променливо расположение и можни агресивни реакции, и ниедно дете не заслужува да ги трпи последиците на тоа однесување, поготово кога истото доаѓа од возрасни луѓе, професори од кои зависи неговото формално образование и кои како мали не учеа да ги гледаме како “втори родители”. Не важи ова ни само за деца, едноставно, ниеден човек“, дополни таа во својата објава.

Маја не се плашеше ниту да проговори за тоа дека поради токсичната средина во која таа учеше, како и многу нејзини сооученици, професорите и нивниот пристап кон учениците влијаеше врз менталното и физичкото здравје на учениците. Таа раскажа дека средината ја поттикна да се чувствува анксиозно, депресивно и да има ниска самодоверба.

„Да ве изеде срам за сите деца кои поради психичкото насилство, сопки, завист, селективност и неправда кои ги доживеавме во “Луј” не спиевме, се враќавме со плачење дома, прерано се сретнавме со анксиозност, панични напади, депресивни мисли и ниска самодоверба. Да ве изеде срам за сите талентирани деца на кои им ги срушивте соништата со вашиот непедагошки, впрочем, нечовечки однос и за сите нас кои не успеавте да не оборите и кои ги прерипувавме вашите сопки. Да ве изеде срам што дозволивте да не нема од вашите часови само за да не бидеме денешниот предмет на ругање и да се заштитиме од нови удари по нашето здравје. Па, затоа што многу можеби и ќе се препознаете, кажете ми како спиете навечер, знаејќи за сѐ што оставате зад себе, не знам како не ве гризе совест за секое едно дете? Секоја чест на малиот процент на педагози во таа зграда што си игра школо, кај кои со радост одевме на часови и од кои навистина научивме, кои ни го посветуваа и своето лично време и викенди и празници, кај кои ако не бевме спремни одевме со срам, навистина сте ретки и недоволно ценети. За жал, и тие исклучоци самите се често “мета” на лошотијата која владее, со години предмет на неправди и мобинг, и едноставно, лошото го надвладува доброто“, стои во објавата на Маја.

Маја не ја остави и неспомната дури ни директорката на училиштето.

„И драга директорке Danica, пред да не нападнете во ист манир како и вашите колеги, размислете какви “вредности” презентирате и на какви ужаси замижувате. Ниеден хаштаг, ниедна слика и публицитет нема да ја прикрие вистината, и ниеден притисок и реакција на овој статус нема да успее. Во иднина Ви посакуваме да размислите два пати пред безосетно да враќате ученици кои собрале храброст да изреагираат на насилството со кое се борат, да имате во предвид и дека можеби и “туѓите деца” заслужуваат поддршка, а не препреки и да размислите дали вреди да си ги заштитите колегите/пријатели и да ја прикривате нивната некомпетентност. Знаеме дека се трудите, во една година направивте многу повеќе него ли било кој пред Вас, но верувајте дека без основни промени сѐ друго е џабе“, вели Маја во својата објава на социјалната мрежа фејсбук.

На крајот, таа посочи дека нејзиното јавно говорење за нејзиното искуство со ова училиште не е напад врз институцијата, туку претставува будење и поттик за промени кон подобро.