Магична музичка вечер со Симон Трпчески во Античкиот театар: „Сите си го сакаме бисерот на Македонија, Охрид“

Под ѕвездите над Античкиот театар во Охрид, Симон Трпчески синоќа одржа концерт во кој музиката се испреплетуваше со личните спомени, семејството и градот со кој е поврзан уште од младоста.

фото

„Секоја година како помлад ја поминував во Охрид и буквално секојпат кога ќе доаѓам нешто ми се буричка внатре“, рече Трпчески.

Во првиот ред го следеа неговата мајка Нетка, сопругата Даниела и трите деца – Стефан, Андреј и Лара. Во текот на вечерта, светски познатиот пијанист неколкупати погледна кон нив со насмевка, а во еден момент, без микрофон, му се обрати на еден од синовите:

„Убава музика, нели?“

Малиот семеен момент беше меѓу највпечатливите сцени на концертот, на кој Трпчески не остана само зад пијаното. Помеѓу композициите разговараше со публиката и раскажуваше за Охрид, своето детство и спомените што ги носи со себе.

Токму во Охрид, во 1993 или 1994 година, го одржал својот прв солистички концерт. По повеќе од три децении, повторно се врати на сцената на Античкиот театар.

фотоPragma Music Entertainment

Во неговото сеќавање посебно место има и неговиот покоен татко Ѓорѓија, кој потекнувал од струшкото село Збажди. Трпчески се присети и на неговата реченица дека во Охрид вреди да се дојде „само на едно кафе“.

На концертот беа изведени дела од Шопен, Григ и Гијом Конесон, но и делови од „Македонисимо“, проектот со кој Трпчески и неговите соработници македонската традиционална музика ја носат на светските сцени.

фотоPragma Music Entertainment

Публиката ги запеа „Врана коња јавам јас“ и „Не си го продавај, Кољо, чифликот“, а концертот заврши со охридската народна песна „Деспина“.

„Сите си го сакаме бисерот на Македонија, Охрид“, порача Трпчески од сцената.

За пијанистот, оваа вечер во Охрид беше повеќе од концерт – враќање на место каде што се вкрстуваат неговите професионални почетоци, семејните спомени и љубовта кон Македонија.