Маџирмаалци се посебни луѓе, романтичари и горди на своето детство

Само на неколку метри од строгиот центар, помеѓу Железничката станица и мостот Гоце Делчев се наоѓа една од најстарите скопски населби, познатото Маџир Маало.


Делумно се уште поплочена со калдрма каква што била децении наназад улицата "Ѓуро Ѓоновиќ" ја сече населбата, а ниските, повеќето трошни куќички од двете нејзини страни ве враќаат 20-ина години во времето кога животот бил многу побавен, но и многу поубав. Маџир Маало во ништо не личи на новото лице на Скопје и се одвојува од сите останати скопски населби, а до пред некоја година беше и заштитена амбиентална зона.

Како што самите ќе кажат за себе, маџирмаалци се посебни луѓе, романтичари и горди на своето детство и потекло од маало богато со историја. Велат дека секој од нив знае се за соседите од целата населба три колена наназад. Кажуваат дека меѓусебе можат да се разберат само со поглед кога е некој "надворешен" во прашање, а кога влегуваат во населбата како да влегуваат во својот двор.

Годинава тие слават јубилеј со кој не може да се пофали ниту една скопска населба, 30 години од традиционалните Маџирмаалски средби, па по тој повод екипата на "Вечер" ги посети организаторите, каде се сретнавме и со неколку стари маџирмаалци кои ни раскажаа по нешто од историјата на маалото и животот во него.

Маџирмаалски средби - повеќе од 30 години фанта, фудбал и одржување на корените

Првата се одржала 1984 година, а идејата настанала по скопскиот земјотресот 1963 година кога многу луѓе останале без домови и морале да се иселат од маалото, па намерата била тие повторно да се соберат на едно место. - Првата средба била во ресторанот "Букет" на иницијатива на Младен Туниќ, кој се смета за татко на Маџирмаалските средби.

Од таа средба се до денес, секој последен петок од февруари ги организираме овие собири. Организацијата на средбите се префрла од генерација на генерација и затоа овие дружби издржале 30 години. Моментално ги организираме со мали спонзорства без поддршка на Градот и Општината, но се надеваме дека во иднина ќе добиеме и нивна помош. Манифестацијата е отворена за сите жители на Скопје како и на државата, бидејќи целта е повторно да се соберат сите стари маџирмаалци кои во минатото тука живееле, вели Зоран Иванов, член на одборот на Маџирмаалските средби.

Средбите завршуваат на 28-ми, во петок, со вечерната прослава во хотелот "Континентал" каде им се врачуваат пехарите на годинешните победници. Таму постарите жители најмногу се дружат и се сеќаваат на старите времиња, а секоја година доаѓаат и гости од странство кои во минатото живееле во Маџир Маало.

На Фанта се фрлаат пет парички, фрли три петки и добиваш

Фанта е стара комарска игра на среќа позната за ова маало која во име на традицијата се игра до денденес на Маџирмаалските средби. - Фанта се игра со пет парички, на времето се играше со големите монети 100-денарки. Се прават групи од по четворица играчи и на почетокот сите фрлаат по една паричка, кој ќе фрли најблиску до нацртаната линија тој ја започнува играта. Ги зема петте парички и се обложува со останатите тројца на 50, 100 или повеќе денари дека повеќе од половината парички (најмалку три) ќе се свртат на лице односно на петка. Доколку повеќето паднат на лице, тој добива, а доколку повеќето паднат на опачина губи. Тој што врти ако вложува 150 денари, останатите тројца вложуваат по 50. Кој има повеќе среќа добива и така играчите се вртат во круг еден по еден, објаснува Зоран. Како што раскажуваат старите маџирмаалци, на Фанта се губело и се добивало, но имало и луѓе кои од играта правеле такво шоу што другите им давале пари само за да играат и да ги забавуваат, без разлика дали ќе ги изгубат.

Крадени коњи се јавале на кејот како во вестерн филм

За бељите и младешките лудории кои ги правеле во минатото, раскажуваат маџирмаалските сениори. Велат дека една од работите по која биле познати е дека биле вешти јавачи, поради тоа што редовно им ги краделе и јавале коњите на тукашните џамбази. - Ретко кој знае дека Маџирмаалци биле најдобрите јавачи на коњи во градот. Тука имало џамбази, луѓе кои купувале коњи и ги препродавале, а ги чувале покрај кејот на Вардар и таму ги хранеле, одржувале за да бидат во подобра состојба и поскапо да се продадат. Но оттаму младите момчиња од населбата им ги крадеа и ги јаваа по кејот, па затоа беа одлични јавачи. Кејот на Вардар порано не беше бетониран или поплочен каков што е сега, туку беше целиот со земја, па таа слика личеше на вестерн филм. Во тоа сценарио Маџирмаалци беа Индијанци, бидејќи коњите ги јаваа без седло. Кога ќе дојдеа сопствениците на коњите ги бркаа, се лутеа и се караа, бидејќи коњите беа истрошени и исцрпени од лудото јавање, раскажува Божо Стефановски, постар жител на населбата.