Маџир Маало, нема да остане запоставена и заборавена - Општина Центар започнува со целосна реконструкција на улицата “Ѓуро Ѓоновиќ”

Маџир Маало, една од најстарите скопски населби, нема да остане запоставена и заборавена. Општина Центар започнува со целосна реконструкција на улицата “Ѓуро Ѓоновиќ”.

– По опструкцијата од општина Аеродром, со новото општинско раководство постигнавме договор. Конечно по долги години, Маџир Маало ќе добие улица каква што доликува, изјави градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ.

Вкупната должина е приближно 250 м и целокупната ширина е 14 м со што ќе се зголеми проточноста на оваа улица. Тротоарите ќе бидат со ширина 2.25 м, а ќе има простор и за велосипедисти и за пешаци. Фекалната канализација е во должина од 650 метри со приклучок и изведба во соседната општина Аеродром.

Ќе се изгради нова атмосферска канализација која ќе ги зафаќа атмосферските води, и со ова ќе биде решен проблемот со поплавувањата на површините на улиците. На 4.100 м2 ќе се постави комплетно нов асфалт во два слоја и нов долен строј.

Улицата “Ѓуро Ѓововиќ” ќе има нови рабници и тротоари. Градоначалникот изјави и дека мораториумот на деталните планови дал резултати.

– Завршена е ревизијата на неколку ДУП и ќе бидат отстранети сите аномалии од претходните ДУП-ови, се со цел да се подобрат условите за живеење на граѓаните.

На пример со ДУП-от за населба Пролет нема да се дозволи надградување и додавање на висина на постоечките згради. Општина Центар ќе ги санира старите и руинирани згради, а ќе постави и нова монтажна гаража за да се реши проблемот со паркирањето, вели Богдановиќ. Инаку, во Маџир Маало се предвидени комерцијално-станбени објекти, општината ќе изврши реконструкција и на другите улици освен “Ѓуро Ѓоновиќ”, а ќе биде изградена и нова градинка.