Мачнина, главоболка, температура: Зошто различно реагираме на вакцините?

Колку повеќе луѓе се вакцинираат низ светот, толку повеќе пристигаат и разни информации за нуспојави, без разлика за која вакцина станува збор.

Некои по вакцинирањето ќе минат денови во кревет, а други нема да почувствуваат никакви последици. Која е причината за тоа?

Доктор Роберт Финберг, професор на Универзитетот Масачусетс објасни дека телото развива две реакции на вакцината, иницијален одговор на имунолошкиот систем и адаптивен имунолошки одговор којшто настапува малку подоцна и помага при контакт со вирусот.

Доктор Марк Лофман за NBC5 изјави дека реакцијата на организмот е токму рефлексија на тоа колку многу имунитетите ни се разликуваат.

„Секој имуни систем е мозаик на она што сме го минале, на тоа што моментално го минуваме и она што го имаме во себе. Така индивидуалниот одговор варира од личност до личност“, објасни тој.

Доктор Крис Томпсон, имунолог од САД за Healthline вели дека на вакцините реагираме различно поради бројни причини па напомнува дека општото здравје, генетиката, животната средина, полот и возраста се само дел од факторите. Дури и ако се чувствувате добро по вакцинацијата, тоа не значи дека вашиот организам не дал добар имунолошки одговор.

Од нуспојавите најчесто се појавуваат болка, црвенило, оток, умор, главоболка или мачнини, наведуваат експертите, но кој било симптом, без разлика дали е јак или слаб, не значи дека вакцината делувала послабо или подобро.

„Ако не сте имале реакција тоа не значи дека вашиот имунолошки систем не работи. Не би се фокусирал на таа реакција како доказ за делување на лекот. Само околу 50% од вакцинираните имале реакција која не е болка во раката, додека 95% од нив се заштитени од потешка форма на COVID-19“, напомнува доктор Џејмс Фернандес.