Луна паркот останува само детски сон

Скопската атракција, Луна паркот нема да се гради. Наместо да го гради Градот со свои средства сега повторно ќе се бара концесионер кој ќе стопанисува со него. Сегашната идеја за градоначалникот била само импровизација. 

- Концептот на Луна парк е сосема поинаква работа и граѓаните не заслужуваат импровизација, рече градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

Останува нејасно што ќе се случува со двата склучени договора за реализација на новиот забавен парк, кој требаше да се протега на површина од 40.000 метри квадратни.

Претходниот градоначалник Коце Трајановски во неколку наврати распишуваше повици за пронаоѓање на приватен концесионер. По неколкуте пропаднати меѓународни тендери, беше одлучено Градот да го гради од сопствени средства.

Досега во Луна паркот изведени се само дел од содржините. Изграден е еден објект и просторот целосно е расчистен, а набавени се и дел од реквизитите..

Според досегашниот проект во паркот требаше да се постават вкупно 27 реквизити, како и разни видови лулашки, вртелешки и сличен вид на забави, но скопскиот градоначалник решил да ја стопира изградбата.

Досега целосно се заврши изградбата на подземната инфраструктура, но и на еден од предвидените објекти во забавниот парк. Првиот тендер беше распишан во 2011, а последниот обид заврши без успех на почетокот од 2014 година.