
Во Општина Карпош ќе се формира јавно претпријатие „Карпош план”, кое ќе биде под целосна контрола на општината и на граѓаните, со цел Карпош да биде граден плански во интерес на граѓаните, изјави синоќа за ТВ Алфа Сотир Лукровски, кандидат за градоначалник на општина Карпош од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
„Карпош план ми е најголема заложба, Карпош план ќе донесе мир на граѓаните. Да биде гарант на нашите заложби Карпош да биде граден плански, граден таму каде што треба, таму каде што има простор и за зеленило, каде што има простор за градинки, каде што има простор за училишта, за паркинзи, не во Карпош 4, не во Карпош 3, не згради во Влае, домување да, меѓутоа не згради. Карпош план може да функционира, не само во делот донесување ДУП-ови, ќе ни помогне во легализацијата, имаме проблем со легализациите, по 15 години луѓе чекаат за легализации, се менуваат генерации, значи стареат луѓе со проблемот на легализацијата. Така што верувам и ќе направиме моќен Карпош план”, истакна Лукровски.
Тој дискутираше и за неговиот противкандидат и објасни дека во Карпош има два фронта, едниот е фронтот на потрошени играчи, непринципиелни коалиции, и луѓе кои сите овие години ги распродаде парковите во Карпош, и фронт-опција која ќе ја врати довербата во граѓаните. Во втор круг во Општина Карпош се пласираа Сотир Лукровски и Стефче Јакимовски, кандидат на коалицијата Искуство за успех.
„Водам со 1.530 гласови пред човекот кој во четири мандата бил градоначалник на општината, а тоа зборува дека луѓето во мене препознаваат човек кој ќе внесе една новина, кој ќе донесе еден нов концепт, нови практики. Ние сме добитничка комбинација и верувам дека на оваа опција ќе се приклучат сите граѓани и ќе направиме една опција која ќе ја врати довербата во граѓаните“, истакна Лукровски.
Тој вети дека со неговото доаѓање ќе престане бетонизацијата и урбаното дивеење во Карпош.
„Господинот Јакимовски е четири мандата, ова што е во последниве четири години, ние не ја чувствуваме работата на општината, на општинските тела, на комуналните служби, во кој било сегмент да допрете. Сотир нема да им донесе згради во парковите на соседите. Со моето избирање за градоначалник ќе престане целата бетонизација и урбаното дивеење во Карпош. Колку партии, колку функции, колку сојузи има направено за да остане на власт, човекот е 30 и повеќе години на државна функција. Бројките зборуваат, сите граѓани кои му мислат добро на Карпош, ќе ја дадат поддршката за оваа опција“, дециден е Лукровски.