
Поранешната заменик претседателка на СДСМ, Сања Лукаревска, вели дека ДУИ и нејзините политики во време на заедничкото владеење се причина за падот на нивниот рејтинг. Овие коментари Лукаревска ги даде во интервју за Алсат, еден ден по Конгресот на СДСМ на кој беа формирани органите на партијата.
„Во јавното мислење се создаде впечаток дека се дозволени одредени политики на ДУИ, нашиот поранешен коалиционен партнер и нивното однесување, што денеска ни се удира од глава, она играње фудбал, оние други процесите коишто одеа позитивно на контото на ДУИ, но го намалуваа рејтингот на СДСМ. Ако имате мнозинство кое е секогаш на граница, често го доведувате во ситуација да мора да се спроведат и тие погрешни политики, така мислеа тогаш претставниците во власта. Многумина ни замеруваа и за Кривичниот законик. Капак на сѐ беше оние скандирања, што ги слушнавме во кампањата, потоа имаше и надмудрувања, дали имаме кекси, млеко, бисквити. Во целиот тој процес СДСМ беше колатерална штета“, изјави Сања Љукаревска, СДСМ.