Лукаревска: Нема да се казнат граѓаните што нема да се регистрираат во системот

По реакциите во јавноста за новиот начин на поднесување годишна даночна пријава, директорката на УЈП, Сања Лукаревска, на прес-конференција пред новинарите изјави дека нивната намера не е да казнуваат, но и дека ниту еден граѓанин, вклучувајќи ги и пензионерите, нема да биде изземен од реформата.

На новинарско прашање дали следуваат казни доколку некој не пријави се регистрира за да пријави данок, Лукаревска одговори потврдно, но не кажа колкава е висината на казната. „Да зборуваме за убави работи, не за казни“, рече таа.

Директорката на УЈП, рече дека пензионерите не треба да стравуваат и дека мобилни шалтери на УЈП ќе одат и до најоддалечените места и ќе ги посетуваат граѓаните. Интенција на УЈП, додаде Лукаревска, не е да казнува, туку да го олесни процесот на пополнување на пријавите.

„Новиот модел на пријавување данок тоа го овозможува. Граѓанинот е ослободен од пополнување на ГДП, тоа ќе биде работа на УЈП. Ако досега УЈП ги контролираше годишните даночни пријави, отсега граѓаните ќе ја контролираат УЈП. Граѓаните ќе бидат тие кои ќе ја потврдат или поправат пријавата која ќе им ја испрати УЈП“, рече Лукаревска.

На новинарско прашање дали ќе има казни ако не се регистрира некој пензионер, таа одговори: „Не, конечна цел е да спроведеме успешна реформа која ја користат другите даночни администрации во поразвиени земји. Нашата цел е да стапиме во непосреден конткат со сите лица и никој да не биде изземен. Ќе почнеме со соодветна кампања до секое најодалечено место во нашата држава. Имаме и телефонски линии и веб страница и веруваме дека ќе направиме крајот да заврши со една успешна реформа. Нашата интенција не е ако некој не се регистрира веднаш да го казниме“, рече Лукаревска.

Лицата кои немаат интернет или поради други околности не можат да се регистрираат ќе може да ополномоштат друго лице. Исто така, тие ќе може лично да отидат на шалтер во УЈП со лице кое ќе го овластат во нивно име да ја прима пријавата.

„Доколку лицето нема интернет предвидени се варијани каде што лицето може да овласти друго лице во негово име да ја потврди или корегира годишната даночна пријава“, рече Ивана Дончевска, раководител на секторот за регистрација и утврдување на данок.

Лукаревска додаде дека преку сите комуникациски канали, УЈП ќе се обиде да дојде до сите обврзници.