Лука Луковски, директор на „Еуро-Екопак“: Најважно ни е да ги поттикнеме граѓаните поактивно да го селектираат отпадот

Ставајќи го фокусот кон подигање на свеста за рециклирање на стакло, компанијата за управување со отпад од пакување „Еуро-Екопак“ заедно со општина Аеродром, на 3 ноември (недела) во 12 часот ќе организира голем еко -настан во паркот „Авионче“ во Скопје. Целта е да се поттикнат граѓаните да донесат што е можно повеќе стаклени амбалажи како тегли и шишиња кои потоа ќе бидат и рециклирани, а воедно ќе можат да уживаат во настапите на дуото ДНК, детскиот хор „Поточиња“ и танц групата „Аква денс“.

Настанот се организира во рамки на проектот CleanAirDrom кој го реализира општина Аеродром  со „Еуро-Екопак“ како поддржувач, а е финансиран од Европската Унија, ко–финансиран од Швајцарската агенција за поддршка и развој преку Министерството за локална самоуправа. Досега се поставени машини за собирање пластични шишиња во девет училишта и две градинки, а директорот на „Еуро-Екопак“, Лука Луковски вели дека подигање на јавната свест е од суштинско значење кон придвижување на еколошката ситуација во вистинска насока.

- При градењето на системот на одржливо управување со отпадот од пакување, граѓанскиот сектор и неговото вклучување во процесите на рециклирање го сметаме за интегрален дел на активностите. Степенот на свесност на граѓаните забележуваме дека расте иако сè уште е на ниско ниво. Во таа насока во периодот што следува ќе се зголемат активностите и кампањите за подигнување на јавната свест. При остварување на овие цели повеќе ќе се инкорпорираат активности во кои граѓанскиот сектор ќе биде вклучен со ангажирање и воспоставување соработка, а секако голема компонента се и единиците на локалната самоуправа преку исполнување на нивните законски обврски; јавните комунални претпријатија и останатите чинители утврдени со законот. Во таа насока почнавме и кампања на радиото „Буба Мара“ за подигнување на јавната свест. Планот е прво да има директни пораки, а знаејќи го ентузијазмот на тимот на радио „Буба Мара“ се надевам дека идејата ќе прерасне во нешто поголемо – посочува Луковски.   

Како растеше и се развиваше „Еуро-Екопак“ низ годините?

Од своето основање во 2011 година, активностите на компанијата беа насочени кон реализирање на плански утврдените стапки на раст на собраните и рециклирани количини на отпад, остварување на законските обврски и националните цели и подигнување на конкурентната способност. За остварување на тие цели се реализираа активности на перманентно истражување на пазарот преку теренски посети и анализи, посета на компаниите членки на системот и потенцијалните нови компании, нивно запознавање со законските обврски, што придонесе за континуирано зголемување на бројот на компаниите, кои стануваа членки на системот на „Еуро-Екопак". Од компанија со стотина членки во системот на управување со отпад од пакување, „Еуро-Екопак"  прерасна во препознатлив чинител на пазарот, со повеќе од 500 компании членки во системот на управување со отпадот од пакување, и удел од околу 20 отсто според вкупните пријавени количини.

Може ли поточно да ни појасните како ги остварувате законските обврски и ги постигнувате националните цели?

Од своето основање „Еуро-Екопак“ континуирано ги остварува законски утврдените национални цели по однос на тековите на отпад од пакување. Тоа е и основната определба на која се дава приоритет и за таа цел се инвестираат средства во рамки на законски утврдениот цензус. Средствата собрани од нашите членки се инвестираат во насока на остварување на националните цели, односно во набавка на претходно собран и селектиран отпад од пакување. Потоа, тој селектиран отпад од пакување се предава на понатамошна обработка. Законските обврски се остваруваат и преку доделувањето на урбана опрема на компаниите членки на системот и единиците на локалната самоуправа по претходно направена анализа на потребите од страна на нашиот стручен тим.

Какви активности преземате за подигање на јавната свест на граѓаните и младите генерации?

Како општествено одговорна компанија, „Еуро-Екопак“ гради посебна политика по однос на подигање на јавната свест на граѓаните, а пред сè и на младите генерации. Инвестирањето во оваа сфера е од особено значење и истото се реализира со организирање на настани, како традиционалната годишна манифестација која има меѓународен карактер, а тоа е  „креирање на уметнички творби (скулптури, слики и сл.) од отпад од пакување“, настан кој го организираме во соработка со Детскиот ликовен центар и традиционално се одржува секоја година. Оваа година ќе се одржи во втората половина на ноември. Кон овој настан оваа година се приклучува и „Сити Мол“, каде творбите ќе бидат изложени и сите заедно ќе дадеме придонес кон подигање на јавната свест. Исто така редовно ги помагаме настаните на Денис Космонаутко кои се одржуваат на „Школка“ во Градскиот парк каде со поставената урбана опрема, се обидуваме преку родителите да влијаеме на најмладите и да селектираме сите заедно.