Луѓето што ги сакаме не заминуваат, тие засекогаш остануваат во нас

Постојат празнини во животот кои не настануваат одеднаш, туку тивко се појавуваат меѓу секојдневните работи, во она што сме сакале да ги кажеме и гласот што ни недостасува.

Photo by Peter Law on Unsplash

Тие се и во телефонските повици што повеќе не ги правиме, во тишината што порано била исполнета со глас, со смеа, со прашања, со грижа. Времето продолжува да оди напред, но некои делови од нас остануваат да стојат на истото место, таму каде што љубовта некогаш живеела секојдневно, природно, без да знаеме дека еден ден ќе мораме да живееме без неа. Но, во еден момент сѐ сопира, кога сфаќаме дека ништо од тоа веќе не е дел од нашиот живот. 

Луѓето мислат дека тагата доаѓа само кога губиме некого, но вистината е дека тагата доаѓа и во сите мали моменти потоа, кога ќе видите нешто што сакала таа личност, кога ќе сакате да раскажете нешто што ви се случило, кога ќе ви треба совет, кога ќе направите нешто добро и ќе посакате некој да биде горд на вас, кога ќе седнете на маса и ќе сфатите дека едно место засекогаш ќе остане празно.

Тагата не е спротивност на љубовта, туку нејзино продолжение. Таа постои затоа што постоела љубов, затоа што постоела грижа, затоа што постоел некој што ви бил дом. И затоа тагата не треба да се оттурнува, ниту да се крие, ниту да се срамиме од неа, затоа што таа е доказ дека нешто во животот било вистинско, длабоко и вредно.

Со време човек учи дека не ги губиме луѓето целосно, туку ги носиме во начинот на кој зборуваме, во храната што ја готвиме, во советите што ги даваме на други, во работите што нè нервираат и во работите што нè радуваат, во силата што ја имаме кога мислиме дека ја немаме, во навиките што не сме ни свесни од каде ни се. Луѓето што сме ги сакале продолжуваат да живеат во нас, тивко, секој ден, во илјада мали работи.

И можеби со тек на време тагата не исчезнува, но се менува, станува помирна, потивка, повеќе личи на благодарност отколку на болка, повеќе личи на спомен отколку на рана, и човек почнува да разбира дека најголемата среќа во животот е што сме имале некого кого сме го сакале толку многу што неговото отсуство оставило толку голема тишина.

Каде што има голема тага, таму претходно имало голема љубов. И тоа е можеби најважното нешто што останува.