Луѓето се менуваат и тоа е дел од животот

Луѓето се менуваат и тоа е во ред. Престануваат да ни се допаѓаа, престануваме да им се допаѓаме. Никој не е виновен. Тоа е дел од животот, се случува. Не можеме да го смениме.

Во основно или средно училиште, стануваме најдобри пријатели но потоа животот нѐ менува. Се трудиме да го одржиме пријателството, но станува потешко и потешко бидејќи веќе сме две личности со сосема различни карактери, размислувања и очекувања од животот. Разликите се огромни.

Иако имавме многу заеднички работи – филмови, песни, книги, заеднички тајни и муабети, но и поглед кон луѓето и светот, сепак нешто се сменило. Мислевме дека таквиот дух ќе остане ист целиот живот, но не е така. Поминува време, поретко се гледаме, имаме се повеќе обврски во животот. Се одалечуваме.

Најголем дел од новостите и случувањата на животот си ги дознаваме од социјалните мрежи. Статусите и коментарите се како на некоја личност која воопшто не ја познаваме. Тоа не е ништо чудно, ниту пак аларматно. Не е ни разочарувачко, бидејќи сигурно исто изгледаме и за другата страна.

Се случува животот.

Луѓето се менуваат и тоа е во ред. Тоа е дел од животот.