
Вчера - историски ден за Скопје - величествениот храм „Св. Константин и Елена“ во само срце на Скопје ги отвори вратите за сите верници и добронамерници.
Ова светилиште има посебно значење за градот. Скопјанец во фејсбук групата „Стари скопјани“ споделува за минатото на овој верски објект и зошто е особено важно што повторно се роди овој градски код на Скопје.
- Во време кога градот рапидно се менува и кога пред нашите очи исчезнуваат клучните градски кодови во име на профитот, објектот на црквата Свети Константин и Елена има посебно значење. Се работи за еден од првите храмови кој беше изграден на десната страна на Вардар, а сега веќе дел од скопската градска митологија. Зошто оваа црква била посебна? Таа имала исклучително убав двор со цвеќиња (на местото на денешниот ГТЦ, тогаш Поп Кочина улица), а напред постоеја неколку врати низ кои се влегуваше во главните простории. А кога ќе влезете внатре, врева од детски плач, крштевки, венчавки, но и простување со покојните. Старата црква почнала да се гради пред Првата светска војна, а била завршена и осветена дури во 1926 година. Речиси пред точно еден век, споделува овој скопјанец.
- За време на земјотресот во 1963 година, не претрпе големи штети, но тогашната комунистичка власт имала други планови. Нов, модерен градски трговски центар. Веќе во 1969 година започнаа да се поставуваат темелите на денешниот ГТЦ, а некаде до 1972 година Скопје доби навистина убав трговски центар. Дел од иконите и црковните реликвии кои останаа од старата црква Св.Константин и Елена беа пренесени во новоизградениот параклис кој и денес постои доколку влезете во црквата Св.Петка во Црниче. Таму, од левата страна, ќе ве пречека убавата икона од некогашната црква со царот Константин и царицата Елена. Некои црковни книги се уште постојат во малата библиотека во Св. Петка.
- Осветување на новиот храм Св.Константин и Елена, на 28.09.2025г, е чин кој треба да нè потсети на една долга традиција, на донаторството во кое свое учество земале видни скопски граѓани, а истата со голема љубов поддржана и негувана од целокупниот верен македонски народ. Бидејќи, луѓето и објектите исчезнуваат, а душата на градот е она што останува! - порача овој скопјанец кој особено е горд на новоосветената црква во центарот на Скопје.